Пауновски: Терасите на кафеаните ќе работат како досега сè додека не се донесат нови протоколи


Фото: Б. Грданоски

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски денеска изјави дека кафеанските тераси, кои поради ниските температури се затворени, ќе работат како и досега се додека не се донесат нови протоколи од Комисијата за заразни болести.

-Државниот пазарен инспекторат како институција врши контролирање на спроведувањето и почитувањето на протоколите. Со досегашните протоколи, донесени од Комисијата за заразни болести, на терасите е дозволено да се врши угостителска дејност. Она што сигурно ве интересира е како ќе се постапува сега со затворањето на тие простории. Доколку се донесат нови протоколи, ќе се постапува по нив. Со сегашните протоколи дозволено е да работат и терасите онака како што работат досега, истакна Пауновски, прашан дали со новите мерки ќе биде забрането седење во затворените кафеански тераси во кои се пуши, а кои се без вентилација и дали овие делови од угостителски објектите се забранети за употреба, со оглед на тоа што во пракса, тие се затворени со пластични или стаклени ѕидови.

Во Протоколот за работа на угостителските објекти стои дека е дозволено да работаат отворените делови (терасите) од кафетериите, кои се отворени од три страни, со кровна конструкција.