Пауновски: Решени сите пристигнати претставки за пропаднатите туристички аранжмани поради пандемијата


Директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Стојко Пауновски ги повикува сите граѓани кои не добиле ваучер или не им се вратени парите од туристичките агенции за пропаднатите аранжмани поради пандемијата со коронавирусот веднаш да поднесат претставка до најблиското одделение на ДПИ до нивното место на живеење.

-До денеска нема претставка која не е решена за туристичките агенции. Нека поднесат претставка и ќе се потрудиме да им излезем во пресрет и да ја реализираме во корист на потрошувачите. Одговрно тврдам дека Државниот пазарен инспекторат им има излезено во пресрет на сите оние кои досега поднеле претставка против туристичките агенции. Тие или добиле ваучери или им се вратени парите било тоа да се детски екскурзии или, пак, поединечни патувања на одредени лица. До денес нови претставки немаме освен оние што веќе сме ги решиле, рече Пауновски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тој прецизира дека најголемиот дел на претставки против туристичките агенции се поднесени во април годинава, уште во првиот бран на пандемијата.