Пауновски не попушта, не сака административци за во канцеларија


Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски го повика премиерот Зоран Заев да го разреши, бидејќи тој и натаму нема намера да ги вработи административците примени според Рамковниот договор што му ги распредели вицепремиерот Артан Груби. Тој  не  сака дел од упатените 35 административци да ги прими во својот инспекторат затоа што смета дека се неквалификувани за испразнетите места.

– Ако премиерот Зоран Заев не ме разбира, немам што друго да кажам освен дека може слободно да ме разреши на наредната владина седница. Ми даваат 35 луѓе за во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, а таму немаме потреба од нови вработување, туку имаме за во струмичкиот регион и во источна Македонија. Овие нови вработени нема да има каде да ги сместиме, нема место во канцелариите, пак ќе треба дома да седат. Нашата работа е на улица, на терен, а не во канцеларија, немаме потреба ние од администрација – изјави Пауновски за порталот СДК.

Премиерот Зоран Заев вчера му порача на Пауновски да не се противи.

– Испраќам порака пред сѐ до директорот на Пазарниот инспекторат којшто е доста гласен, треба да ги спроведеме одлуките или да кажеме зошто не се спроведуваат, а не да водиме, така да кажам, јавна војна преку медиумите едни со други – рече вчера Заев.

Во моментов 41 отсто од вработените во Инспекторатот се Албанци. Во изминатите три години со странски донации се уредени канцелариите. Пауновски во 2018 затекнал 305 вработени од кои 97 биле инспектори, а сега Инспекторатот брои 247 вработени и 178 инспектори.

-Јас испратив писма со аргументи и до премиерот, и до вицепремиерот, во кое детално објаснувам зошто нашата институција не може да ги прифати сите овие 35 вработени, туку можеме да прифатиме само 12 од нив кои имаат квалификации. Досега немам добиено реакција на ова писмо, но можам да потврдам дека ниту премиерот, ниту било кој друг од Владата не ми се јавил да врши притисок врз мене за да го потпишам решението за нивно примање, изјави  Пауновски.