„Патувачкото школо“ во Скопје и Тетово
Работилници за изучување на хрватскиот јазик за деца на возраст меѓу девет и шеснаесет години од денеска до недела ќе се одржат на повеќе локации во Скопје и Тетово во рамки на проектот „Патувачко школо“, што го организираат Матицата на иселеници на Република Хрватска со Заедницата на Хрватите во Република Северна Македонија, Заедницата на Хрватите Огранок „Скопје“ и Македонското- хрватско друштво „Тетово“.
Како што информираат организаторите, во Скопје проектот ќе биде реализиран во Домот на култура „Кочо Рацин“ Скопје, во трите салона на галерија „КО-РА“ во периодот од 17 до 19 часот.
– Оваа програма е наменета за изучување на хрватскиот јазик преку повеќе работилници за деца на возраст помеѓу девет и шеснаесет години. Ова „Патувачко школо“ е предводено од водителите со повеќегодишно искуство како водителот на Малото школо за хрватски јазик и култура Ведран Искра, Гроздана Лајиќ Хорват и Лада Канајет Шимиќ, стои во соопштението.
Проектот, како што информираат, е започнат уште во периодот на 90-тите години и има повеќекратна цел и значење во рамки на соработката со повеќе земји, како што е воспоставување на мрежа со повеќе училишта, со повеќе друштва со цел меѓународна соработка, поврзување и воспоставување на пријателски и стручни контакти меѓу учениците, учителите и стручни лица од најразличен профил.