Патријархот Порфириј соопшти дека СПЦ ја прифатила автокефалноста на МПЦ-ОА
Српскиот патријарх на заедничката литургија објави дека Соборот на СПЦ донел едногласна одлука да се одобри барањето на МПЦ-ОА за автокефалност

Патријархот Порфириј на заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје упати Томос за афтокефалност во Вселенската патријаршија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
„Благодарение на вашите молитви воспоставивме единство, а сега браќа и сестри ви носиме уште една радост – Светиот архиерејски собор на Српската православна црква едногласно во пресрет на барањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Соборот на нашата црква ја благословува и одобрува афтокефалноста на МПЦ-ОА“, рече српскиот патријарх Порфириј.
Таа негова објава предизвика големи ракоплескања и воздишки од насобраните верници кои го исполнија храмот „Свети Климент Охридски“.
Фото: Б. Грданоски
Тој додаде дека Светиот собор на СПЦ ставил на должност на Синодот во соработка со архиеписопот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт.

Еве дел од говорот на српскиот патријарх:
„Да се радуваме денеска, со нас денеска се радува целата црква, се радува и небото и змејата, се радуваат сите кога браќата се сакаат и кога го слават името божје. Да се радуваме сите ние кои после 55 години служевме Света литургија, прво во Белград, а сега и во Скопје, за само неколку дена.
Бог не ги постави границите да се делат луѓето. Границите значат можност секој народ подобро да се организира да има свој посебен печат. Не да се затвори во себе, не да биде самозаљубен. Бог ја создаде различноста и секому даде дар на посебност.
Затоа секогаш треба да знаеме дека сите треба едно да бидеме, иако сите сме различни, во едно сме единствени. Во Христа сме едно.
Затоа денеска неописиво се радуваме. Пред нас се случува чудо. Ние сме дел од тоа чудо.
Вашата љубов и молитви и во Белград и тука помогнаа да се надмине искушението и Господ да направи чудо. Дека не можеме едни без други. Воспоставивме единство.
Ви носиме уште една радост. Светиот Собор на СПЦ едногласно излезе во пресрет на молбата на МПЦ-ОА, го одобрува и ја прифаќа автокефалноста“, ја кажа главната порака српскиот патријарх.
Тој додаде дека Светиот собор на СПЦ ставил на должност на Синодот во соработка со архиеписопот Стефан и Синодот на МПЦ, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт.
„Потоа ќе бидат известени сите помесни православни цркви по својот каконски ред и тие да го прифатат афтокефалниот статус на МПЦ-ОА“, рече патријархот Порфириј.
Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во обраќањето по објавата на патријархот Порфириј соопшти дека бил прифатена молбата на македонската црква до Вселенската патријаршија и дека на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе македонските архиереи ќе сослужуваат во храмот во Фанар.
„Еве, и во навечерието на ова торжество на љубовта, ни пристигна уште една радост – блага вест од Царицата на градовите – Константиновиот град: примено е нашето благодарствено писмо и нашата молба за сослужение е прифатена – па на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар“, рече архиепископот Стефан.