Патниците избраа: Еве кој аеродром е најлош, а кој најдобар


Аеродромот Шарлроа, позната дестинација за нискобуџетните авиокомпании поради близината до Брисел, е најлошиот аеродром во светот според патниците, објави порталот Бизнис фајнансинг, пренесе Хина.

Иако овој аеродром, официјално наречен Брисел Југ Шарлроа (Bruxelles South Charleroi), е оддалечен 50 километри или 45 минути возење со автобус од европската престолнина, тој има лоша репутација меѓу деловните патници дека е неорганизиран и хронично пренаселен, особено на Терминалот 1 (Т1).

Со катастрофална просечна оценка од 1,2 на скала од 10, Шарлроа беше оценет како малку полош аеродром од германскиот аеродром Берлин-Бранденбург и британскиот Лидс-Бредфорд, според анализата на Бизнис фајнансинг врз основа на прегледите на патниците на платформата за квалитет на авиокомпаниите Скајтрекс (Skytrax).

Наспроти овие лоши оцени, аеродромот Нои Баи во Ханој е на прво место со просечна оценка од 6,8. Ова е одраз на растечката популарност на Виетнам како дестинација за странски инвестиции во услови на кинеско-американски тензии.

„Терминалите се исклучително чисти, а персоналот на аеродромот е многу љубезен. Има голема разновидност на храна“, напишал еден рецензент на аеродромот во виетнамската престолнина.

На второ место е аеродромот Чанги во Сингапур, а на трето е меѓународниот аеродром Хонг Конг. Станува збор за аеродроми кои редовно се на врвот на рангирањето на патниците.

Аеродромот во Хелсинки е на петтото место, а Будимпешта е следниот европски аеродром и го зазеде 11-тото место. Најдобро рангиран американски аеродром е Мидвеј во Чикаго, кој се наоѓа на деветнаесеттото место.

Лондон Лутон и Лондон Станстед, исто така, поминаа лошо во истражувањето – и двата озлогласени по тоа што е потребно уште подолго патување до центарот на Лондон отколку да се вози од Шарлроа до срцето на Брисел.