Патиштата на Пелистер плачат за обнова

За да се стигне до хотелот „Молика“ и до Копанки треба да се поминува по тесен пат полн со дупки, одрони, надвиснати дрвја. Битолчани велат дека патот до Копанки е „ужас“

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Дупки како кратери, тесни патишта со свиоци, одрони и свлечишта, некастрени надвиснати дрвја – ваква е сликата на патиштата во Националниот парк „Пелистер“. Со децении битолчани реагираат на состојбата на патните правци кои водат кон хотелот „Молика“ и скијачката патека Копанки, како и на патниот правец кој води до ски-центарот Ниже Поле со кој стопанисува ЈП „Стрежево“.

Факт е дека патната инфраструктура влијае врз развојот на туризмот, особено што овие локации на Пелистер се најмногу посетувани, и во зима и во лето. На овој простор се наоѓаат и голем број сместувачки капацитети и ресторани, за што е потребна добра инфраструктура. Она што е светла страна на целата состојба на патиштата во националниот парк е реконструкцијата на патот до селото Маловишта, од другата страна на планината, кој е во завршна фаза. Патот се реконструира после 40 години, а селото е единствената населба во границите на Паркот.

Лошата состојба на патните правци кои од Битола водат кон НП „Пелистер“ беа тема и на последните парламентарни избори, кога кандидатот за пратеник на СДСМ од Битола, Горан Козаров, на завршната трибина јавно побара од лидерот Зоран Заев помош од државата овие патни правци да се реконструираат.

„Најјужната алпска планина во Европа заслужува многу повеќе. Таму во моментов се решаваат неколку крупни проекти кои треба да го вратат здивот на планината, оти цели 12 години се размислуваше само за сеча, а потоа да го претворат Пелистер во вистинска туристичка мека. Неопходна е и рехабилитација на патниот правец до хотелот ‘Молика’ и патот до ‘Стрежево’. Премиере ова мора да го ветиме и да го направиме во идниот период за битолчани“, рече Козаров.

Битолчани, пак, често ја критикуваат состојбата на патиштата на Пелистер.

„Патот за Копанки е ужас, и повеќе од тоа. Дупки, тесен и небезбеден, треба еден возач да почека за да помине другиот, оти кривините се опасни и непрегледни, а сакаме туристи да ни дојдат. Вака е со години, заборавен од општината и од државата. Состојбата е лоша и со патот за Ниже Поле, при секој дожд, земја и песок на патот, кривини и непрегледност, а таму горе  е рај. Но во зима е особено голем проблемот и поради тесниот пат и поради снегот“, реагираат битолчани.

Од „Македонија пат“ најавуваат дека пролета 2021, ќе се реконструира патот до ски патеката во Ниже Поле. Во моментов се кастрат дрвјата на патот за хотел „Молика“, а за следната недела најавуваат санација на дупките во асфалтот.

„Во моментов преку Јавното претпријатие за државни патишта се прави проект за свлечиштето кај објектот ‘Оскар’ што води кон ски центарот ‘Стрежево’ на Ниже Поле. Таму асфалтиравме, ама проблемот е поголем и треба да се направи потпорен ѕид со што ќе биде опфатено и асфалтирањето од санацијата на свлечиштето до ски центарот. Значи, штом се заврши проектот за свлечиштето, ќе следува фазата со тендерите и некаде во март или април 2021 година, би требало да се започне со обнова“, изјави за „Независен“, Беким Мемеди директор на „Македонија пат“.

Реконструкцијата на патот од Кажани кон Маловишта, во должина од 4 километри, е во завршна фаза

За реконструкција на патот кој води до жичарата Копанки и хотелот „Молика“, според Мемеди, ќе треба да се притисне од страна на Општина Битола да издејствува од ЈПДП средства за негова реконструкција. Патот, според него, бара поголем зафат, проширување, банкини, за да може да се разменат и автомобили и автобуси.

„За патот до жичарата Копанки ние асфалтираме еден дел од  него, ама другото е под локалната самоуправа, патот кај селото Трново. Сега и за таму треба да се направи проект со ЈПДП и Општина Битола и да дефинираме кој дел од патот кој ќе го прави. Од рампата за влез во Националниот парк до хотелот ‘Молика’ е нашиот дел од патот. Ние пред 4 години асфалтиравме дел од него, од ‘Вилата на Лазо’ до пред хотел ‘Молика’ во должина од околу 600 метри. Сега треба да се реновира од селата Трново-Магарево до ‘Вилата на Лазо’“, вели Мемеди.

Со обновата на дел од овој пат пред четири години направено е проширување на некои места со цел да се овозможи простор за паркирање на автомобилите на посетителите.

„Услов за развиен туризам секогаш е добра патна мрежа. Можеби државата треба да најде средства и за го направи патот преку Ротино до Голема Ливада – ‘Молика’ и од ‘Молика’ постојниов да го прошири и обнови со слој, но и да направи целосна дренажа за водата, затоа што при секој поголем дожд, водите го поплавуваат постојниот пат, па се поткопува и ги разорува банкините“, вели Пеце Цветановски од Националниот парк „Пелистер“.

Општина Битола е подготвена да реконструира дел од патот што води до Националниот парк „Пелистер“.

„Во Општина Битола изготвен е проект за реконструкција на патот од клучката кај Црвени Петли до трафостаницата во село Трново со одобрение за градење, а вкупната вредност на проектот е 26 милиони денари. Неодамна општината после изготвувањето на проектот за реконструкција на патот од Црвени Петли за село Дихово во вредност од 5 милиони денари, аплицираше за финансиска поддршка од Министерството за локална самоуправа“, велат од Општина Битола.

Од општината велат дека реконструкцијата на патот од селото Кажани кон селото Маловишта, во должина од 4 километри, е во завршна фаза.

Градоначалничката на Општина Битола неодамна изврши увид во градежните активности на изведба на овој проект, за кој општината ја изготви планската документација, а беа донесени одлуки на седници на Совет, како и кофинансирачкиот дел, во износ од над 2,3 милиони денари.

Патот на одредени делници се проширува.