„Пат покрај патот“ – нова книга на Славе Ѓорѓо Димоски
„Пат покрај патот“ е насловот на најновото остварување на авторот Славе Ѓорѓо Димоски, дело што деновиве беше објавено во издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје.
Станува збор за четврта книга есеи на охридскиот автор, а самото последно дело претставува пет циклуса со дваесет есеи на различни културолошки теми.
Јадрото на книгата го сочинуваат патописни есеи инспиративно поттикнати од патувањата на Димоски низ повеќе земји. Во книгата се прави синтеза помеѓу два жанра: патописот, во кој се забележани впечатоци од остварени патувања и есејот како жанр кој овозможува и своевиден поглед на виденото, доживеаното, но и оставени цивилизациски траги во времето. Другите есеи се на култоролошки теми што предизвикале интерес кај авторот во последните петнаесетина години. Во последнитот дел се претставени две подолги инервјуа именувани како интервјуа-есеи во кои се образложени поетичките погледи на Димоски врз сопственото поетско творештво.
Славе Ѓорѓо Димоски е автор на повеќе поетски книги за возрасни и деца, деветнаесет му се преведени на различни јазици, добитник е на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, и е застапен во сите релевантни антологии на македонската поезија објавени по 1982 година.