Пасошите без „Северна“ не важат: Атина го информира светот


Шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис

 

Како што се очекуваше и како што најавуваше грчкото министерство за надворешни работи, официјална Атина нема да ги признава пасошите на кои го нема официјалното ново име на македонската држава. Министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис претходно најави дека грчката влада ќе се придружува до одредбите од Преспанскиот договор кој предвидува петгодишен преоден период за промена на македонските пасоши, а во новите треба да биде содржан зборот „Северна“.

Грчките медиуми јавуваат Герапетритис писмено ги известил колегите министри и меѓународните организации за обврската за патните исправи на Македонија од 12 февруари. Во официјалното писмо тој вели дека на 12 февруари завршува петгодишниот преоден технички рок од Преспанскиот договор за промена на патните исправи со новото име.

Ова известување тој го пратил уште на 30 јануари.

„Тоа значи дека сите официјални документи и материјали на Северна Македонија за меѓународна употреба треба да ја имаат само терминологијата од член 1(3) од договорот од Преспа“, ги потсетува колегите грчкиот шеф на дипломатијата.

Ова го најави амбасадорот на Белгија за Македонија, Фредерик Мерис, во интервју за „Независен“, најави дека работна група во Европската унија идната недела ќе расправа како да ја имплементира одредбата од Преспанскиот договор според која од 13 февруари  сите пасоши мора да го содржат името Република Северна Македонија. Мерис оцени дека ќе биде лошо ако ЕУ нема заедничка позиција околу имплементацијата и ако земјите членки поединечно одлучуваат како да ги третираат македонските граѓани со невалидни пасоши.