„Партизан“ ќе ги обнови салите, но ќе има и многу зеленило и место за дружење


Над 1.500 граѓани досега гласале како сакаат да изгледа салата „Партизан“ на јавната анкета на Општината Карпош, која ја распиша во соработка во организацијата „Културно ехо“. Анкетата завршува утре, а врз основа на мислењето на граѓаните ќе биде избрано едно од двете идејни решенија врз основа на кое ќе се прави главниот проект за реконструкција на „Партизан“.

Многу зеленило, содржини за деца и возрасни, ресторани и кафулиња и повеќе затворени и отворени простори за спортување предвидуваат и двете решенија. Руинираниот објект, кој после една деценија пропаѓање се врати на трајно користење на општинските власти, ќе биде обновен во рок од една година до 18 месеци. Ќе остане со истиот габарит и катност, а ќе се задржи и дворот.

Според идејното решение на Ивона Крстеска, Марија Гелмановска, Ана Грковска и Александар Кочовски, на приземјето ќе бидат обновени големата и помалата сала, ќе има административни простории и кафе бар. На првиот кат, ова идејно решение предвидува содржини за дружење и релаксација, ресторан, голема тераса и зелен кров. Во подрумот ќе биде сместен стрелачкиот клуб на 652 квадратни метри, како и мултифункционелан простор од 122 квадратни метри, а ќе има и простории за администрација, гардероби и рецепција. Партерното решение предвидува многу зеленило околку салата, помал отворен терен и патека која ќе го заокружи целиот објект.

Во дворот на салата, според второто решение од архитектите Хавиер Ромеро, Метју Сатори и Томас Ромеро Тали, ќе има и амфитеатар, детско игралиште, уличен базар и спортски терен за пинг-понг и кошарка на отворено. Во приземјето ќе се обноват двете сали со површина од над 800 квадратни метри, а ќе има и канцеларии и соблекувални. На катот и ова решение предвидува ресторан со тераса од 200 квадратни метри, како и простор за изложби. Во подрумот ќе се смести салата за стрелаштво, магацини, сали за состаници и други помошни простории.

Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев вели дека штом се избере идејното решение во текот на следните месеци ќе се изработи и главниот проект и ќе биде подготвено и одобрението за градба. Ќе мора да се направи и елеборат за статиката на објектот, бидејќи долго време не беше одржуван.

„Веќе ни се обратија општествено одговорни компании кои сакаат да се вклучат во иницијативата и без надомест да направат главен проект. Очекуваме до крајот на годината да заврши и тендерот за реконструкција и да започнат градежните работи. Многу не радува тоа што одзивот на граѓаните на јавната анкета е голем, бидејќи навистина сакаме да учествуваат во донесувањето на одлуките во Карпош“, вели Богоев.

Партизан не се користи и пропаѓа повеќе од 10 години. Салата е изградена непосредно по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, како донација од Франција. Проектот е на архитектот Трајко Димитров, кој и сега е дел од тимот на иницијативата. Според првичната идеја требало да има два ката, но изградено е приземје и еден кат. До пред десетина години многу клубови и поединци спортските кариери го започнаа токму овде. Во салата се спортуваше одбојка, гимнастика, кошарка, борење, бокс, атлетика, слетови, ритмичко-спортска и модерна гимнастика, пинг-понг, стрелаштво и други спортови. Салата работела секој ден од 8 до 22 часот, со програма за сите возрасти, од деца од предучилишна возраст до највозрасната категорија.

Сања Наумовска