Партиски реакции: Кој го овозможи бегството на Мијалков?
Павле Трајанов вели дека со овие настани загрозена е владата и дека надворешниот поглед кон државата сега е катастрофален. Има сомнеж дека некој овде тајно управува со процесите
„Заминувањето на Мијалков е најасен знак дека, конечно, и Заев треба да си замине“, вака ја започна својата реакција лидерот на опозициската партија Алтернатива, Африм Гаши. Во својата реакција тој оцени дека бегалецот Сашо Мијалков се изјаснил за виновен, но додава дека сето ова зборува за целосно уништување на правдата.
„Со своето бегство веќе ја призна својата вина и затоа избега, но ова зборува повеќе од тоа за целосен колапс на системот за правда и безбедност. За жал, додека Мијалков бега без трн во око, можеби дури и со помош на оваа влада, од друга страна, таткото и чичкото на Алмир Алиу се уапсени без никаква вина“, рече Гаши.
Павле Трајанов, претседателот на Демократскиот сојуз, во денешното утринско гостување на Слободна ТВ рече дека со овие случувања „загрозена е владата“. Според него владата е во исклучително сложена состојба, во криза. Трајанов вели дека според анализите ова е системска грешка, не функционира целиот систем. „А за нефункционирањето на системот одговорноста е кон владата, кон претседателот на владата“.
Тој вели дека постојат две нивоа на одговорност. Првото, постои политичка одговорност на владата и на министрите, кои на еден или на друг начин се повикани. Втората работа е дали постои основа за кривична одговорност за намерни или неманамерни пропусти кои се случуваат, а се поврзани со крупни случаи. Тој очекува Владата итно да направи работна група и професионално да се расчистат сите аспекти околу бегството на Мијалков. Во неа треба да се вклучат Советот на јавни обвинители, Судскиот совет, јавниот обвинител, министерот за внатрешни… Трајанов нагласува дека нема основа на кого било да му се прогледува низ прсти.
Трајанов уште изјави дека за него било крајно неприфатливо јавниот обвинител да добие информација дека се подготвува бегство и во неколку часа да се допишуваат де со министерот за внатрешни работи, де со судот. Системот мора да профункционира веднаш ако има таков сигнал. Нема ниту уставни ниту законски пречки за тоа.
„Ако инстиутциите дејствуваа координирано немаше да се случи бегството и немаше да се соочиме со ваква исклучително сложена, тешка состојба во која завлегува Македонија. Рејтингот на државата, надворешниот поглед кон неа, сега е катастрофален. Особено затоа што тоа се повторува. Има сомнеж дека некој овде управува со тие процеси. И затоа тоа мора да се расчисти доколку сакаме да излеземе со помалку последици од оваа тешка сложена криза“, рече пратеникот Павле Трајанов и додаде:
„Јас да бев прв човек на полиција Мијалков немаше да избега 100 отсто. Има механизам, има луѓе, силната партизација ја изеде државата“.
Во интервју пак за бугарската ТВ Европа, Трајанов ја отфлил можноста за вмешаност на странски разузнавачки служби во бегството. Во врска со излегувањето на ЛДП од владејачката коалиција, тој истакнал дека мнозинството е стабилно.
„Во моментов се води психолошка војна меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“, нагласил Трајанов.
Претседателот на Беса, Биљал Касами во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ21 порача дека доколку имало договор меѓу премиерот Зоран Заев и екс-директорот на УБК Сашо Мијалков, тој немало да избега.
„Според досегашните официјални информации од МВР и обвинителството дека полицијата дала информација дека лицето Сашо Мијалков може да избега, обвинителството побарало од судот притвор, а судот одредил домашен притвор. Вака сме сите информирани. Според ова, опозицијата се демантира себеси, затоа што доколку имало договор помеѓу Мијалков и Заев или Владата, во тој случај Мијалков немаше да има потреба да побегне“, посочува Касами.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Оливер Спасовски да си даде оставка веднаш! Додека Спасовски ажурира членство по куќи Сашо Мијалков му побегна пред очи. Иако институциите знаеле уште од саботата дека постои опасност да бега, МВР 24 часа не преземале ништо и чекале да побегне.
Според информациите кои излегоа во јавноста институциите знаеле уште во саботата во 16 часот дека постои опасност од бегство на Сашо Мијалков, но не преземале ништо. Чекаа да помине цел ден и Мијалков да избега. Доколку Спасовски знаел дека Мијалков ќе бега, зошто не ги преземал сите неопходни мерки против негово бегство?! Зошто дозволил Мијалков да побегне?!Со самиот факт што Спасовски знаел за бегството на Мијалков и не преземал ништо говори дека Спасовски свесно го пуштил Мијалков да избега. Постои основан сомнеж дека има договор Заев – Спасовски – Мијалков за бегството на Мијалков и Спасовски мора веднаш да си даде оставка“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ. (Н.В.)