Партијата на Орбан го бојкотираше парламентот за членството на Шведска во НАТО
Ратификацијата на шведското членство во НАТО од Унгарија е одложена на неодредено време, откако парламентарната група на владејачката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан денеска ја бојкотираше пленарната седница, свикана во итен случај на барање на опозицијата специјално за ова прашање.
Во речиси празната сала како гости присуствуваа амбасадорите на земјите од алијансата, вклучително и САД, Полска и Данска, што е изненадувачки и силен гест на дипломатски притисок врз Будимпешта да не ја одложува одлуката, коментира Ројтерс.
Постапката би можела да почне најрано на почетокот на редовната седница на парламентот, закажана за 26 февруари, но прашањето за ратификација сѐ уште не е на дневен ред. Претходно денеска, Ројтерс го цитираше одговорот на Фидес на прашањето како ќе продолжи, во кој ја повтори владината теза, која беше повторена неодамна: „Ако тоа е толку важно прашање за Шведска, тогаш очигледно премиерот на земјата ќе дојде во Будимпешта“.
Минатата недела, Улф Кристерсон, по разговорот со Виктор Орбан во Брисел, рече дека ниту му бил понуден конкретен датум за таква посета, ниту, пак, ја гледа смислата на посетата пред Шведска да стане членка на алијансата.
Министерот за надворешни работи Петер Сијарто во петокот рече дека би било „фер“ да има таква посета пред ратификацијата, бидејќи Кристерсон одел во Анкара пред одлуката на Турција.
„Крајно е непријатно што Фидес продолжува да го блокира приемот на Шведска до ден-денес“, рече опозицискиот пратеник Мате Канаш-Наѓ од говорницата на полупразната сала. „Тој [Орбан] сака да му направи услуга на Путин и на тој начин да го уништи единството во НАТО“, додаде Агнес Вадаи од опозициската Демократска коалиција.