Партијата на Македонците во Србија навредена од изјавата на Вулин и бара извинување


Горан Илијевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија

Партијата на Македонците во Србија остро реагираше на изјавата на српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, во која тој изјави дека  „претседателот на Северна Македонија може слободно да молчи на јазикот, кој никој не му го признава освен Србија“. Во изјава за „Фокус“, претседателот на партијата, Горан Илијевски, вели дека побарале од српската влада да каже дали е тоа официјален државен став.

„По изјавата на министерот на одбрана на Република Србија, а кого во Србија го нарекуваат ‘воен дезертер’ бидејќи избегал од служење на воен рок, а потоа станал министер за одбрана“. Илијевски вели дека тоа не е прв пат Вулин да ја навредува Македонија и дека претходно ја нарекол „центар за рушење на Србија“.

Илијевски уште прашува дали „можеби границите на Косово веќе се прекроени и Косово е предадено и продадено? Грижа за мир во регионот е право на секој претседател, а вие не сте достојни ниту компетентни да коментирате со навреди за македонскиот јазик, кој и претседателот на Русија, Путин го признава како колевка на сесловенската писменост. Или можеби не се согласувате со Путин?“ Илијевски нагласува дека „со ваква реторика не се градат пријателски односи, ја навредувате и македонската национална заедница во Србија, која исто така го зборува македонскиот јазик“.

Партијата бара извинување од српската влада и од премиерката Ана Брнабиќ, а Илијевски порачува: „После сите навреди од член на српската влада, немојте да очекувате ниту еден глас од Македонците во Србија на претстојните избори“.