Партијата на Борисов остро против пресудата во Битола. Слави Трифонов: „Не сте достојни да се нарекувате Евроејци“

Пратеничката група ГЕРБ-СДС во бугарското Собрание изразува категорично негодување и длабока загриженост во врска со пресудата изречена вчера од Основниот суд во Битолa против Љупчо Ѓоргиевски, поранешен претставник на згаснатиот бугарски клуб, „Иван Михајлов“ и претставник на бугарската заедница во Македонија. Ова го изјави претседателката на Комисијата за надворешна политика во Народното собрание, Јорданка Фандакова која доаѓа од ГЕРБ.
„Оваа казна – едногодишна условна казна по обвинение за ксенофобија, расизам и ширење расна омраза по електронски пат за објавување цитати од Иван Михајлов на социјалните мрежи, не само што е правно неоснована, туку е и политички мотивирана. Таа претставува уште еден чин на институционален притисок и репресија врз Бугарите во Северна Македонија, чии човекови права се систематски кршат“, соопштија од ГЕРБ.
Во декларацијата на пратеничката група се наведува дека ова не е изолиран случај, туку уште еден од многуте што ја потврдуваат ескалацијата на прогонот на Бугарите и нивните организации во Македонија.
„За нас, ова судење е недвосмислен обид за заплашување на бугарската заедница во Македонија и погазување на основните човекови права, вклучително и правото на слобода на изразување и здружување. Ќе продолжиме да инсистираме меѓународната заедница и европските институции, чиј дел сме и ние, да се спротивстават на систематските кршења на правата на Бугарите во Република Северна Македонија и да бараме властите во Скопјe да ги почитуваат и гарантираат основните европски принципи на еднаквост и владеење на правото. Бугарија не може и нема да остане рамнодушна кога нејзините граѓани и сонародници се подложени на неправда поради нивниот идентитет. Љупчо Ѓоргиевски не е сам, целата бугарска држава и народ стојат зад него“, заклучуваат пратениците од ГЕРБ.
Околу пресудата преку фејсбук се јави и лидерот на партијата Има таков народ, Слави Трифонов.
„Вчера судот во Битолско му изрече условна казна од една година на Бугаринот Љупчо Георгиевски, претседател на Културниот клуб ‘Иван Михајлов’, заксенофобија, расизам и ширење расна омраза по електронски пат преку цитати од Иван Михајлов и за презентирање на претставата ‘Македонска крвава свадба’ од Војдан Чернодрински. Северномакедонските власти беа навредени што за време на изведбата на претставата беше речено дека авторот е бугарски националист и дека делото е дел од бугарското културно наследство и олицетворение на борбите и стремежот за слобода на Бугарите“.
Па Трифонов додава:
„Да разјаснам нешто за Северномакедонците. Прво – Војдан Чернодрински е бугарски преродбеник, бугарски драматург, бугарски театарски активист и бугарски писател. Второ – претставата ‘Македонска крвава свадба’ е дел од бугарското културно наследство и олицетворение на борбите и стремежот за слобода на Бугарите. Бидејќи, до одлуката на Коминтерната, вие дури и не постоите како идеја за која било националност или јазик. Ова е едноставната историска вистина. И вашиот жален суд со својата жална пресуда не може да го промени ова. Трето – Иван Михајлов, или Ванче Михајлов, како што е познат, е една од најсветлите личности на бугарското националноослободително движење во Македонија, долгогодишен водач на Внатрешната македонска револуционерна организација.
Оваа најнова политичка антибугарска и, во извесна смисла, репресија базирана на самодоволство само докажува колку бев во право кога ја соборив таа штетна влада на Кирил Петков. Бидејќи ниту сте подготвени, ниту заслужувате, ниту сте достојни да се нарекувате Европејци“.