Партиите излегуваат со изборните понуди – што им подготвија на граѓаните и на бизнисот?


СДСМ со фокус врз инвестирање во луѓето и во технолошкиот развој, но и опстојување на политиката за добро платени работни места. ВМРО-ДПМНЕ покрај изборната програма подготви и преодна стратегија за надминување на постојната здравствена и економска криза

Мирче Јовановски

Владејачкиот СДСМ со фокус врз инвестирање во луѓето и во технолошкиот развој, но и опстојување на политиката за добро платени работни места, а ВМРО-ДПМНЕ со над 1.000 проекти во изборната програма, но и со посебна преодна стратегија за надминување на постојната здравствена и економска криза е накусо понудата која главните политички соперници од вторник, односно од среда ќе почнат да ја презентираат пред граѓаните. Дали нивната понуда ќе биде соодветна на очекувањата на граѓаните, но и на бизнисот, или тоа ќе биде програма што ќе презентира некоја друга партија, ќе се види на 15 јули кога ќе се одржат предвремените парламентарни избори. Поради корона вирусот тоа овој пат нема да може да се прави на масовни митинзи.

СДСМ велат дека програмата ќе почнат да ја презентираат постепено од среда, кога и официјално започнува кампањата.

„Секој ден ќе презентираме по некој дел од програмата“, вели Фатмир Битиќи советник на премиерот и претседател на партиската комисија за финансии. Тој објаснува дека во фокусот на програмата остануваат инвестирања во луѓето и креирање нови можности за граѓаните, секако не занемарувајќи го новиот предизвик што го донесе не само корона кризата, туку времето воопшто што во СДСМ го нарекуват развојна економија на Македонија базирана на дигитализација и каде што ќе се воведат најголемите промени.

Остануваме посветени на тоа што го кажавме и претходно – дека и просечната и минималната плата ќе има тенденција на раст: Фатмир Битиќи

„Кога зборуваме за развој на човечките ресурси секако тоа е нешто што сме го правеле и до сега – ќе се фокусираме прво на задржување на постојните работни места заради короната, затоа што сметаме дека тоа ќе нѐ засега во целата 2020 година. Во креирањето на новите работни места ќе се фокусираме на добро платените работни места наспроти ниско платените, затоа што сметаме дека само тоа целата земја ја носи во одржлив развој. Остануваме посветени на тоа што го кажавме и претходно – дека и просечната и минималната плата ќе има тенденција на раст за да се стигне некој просек во регионот, или во земјите кои што се најново влезени во Европската унија. Сето тоа имајќи го во предвид и ова што ни се случува со корона кризата затоа што тоа не може да се занемари, особено затоа што никој не може да претпростави кога ќе заврши“, вели Битиќи.

ВМРО-ДПМНЕ претставувањето на партиската програма го најави за утре во 13 часот во Битола, на настан на кој ќе зборуваат лидерот на партијата Христијан Мицкоски, членот на Извршниот комитет на партијата, Трајко Славески и стратешкиот соработник на претседателот на партијата и некогашен кандидат за претседател на државата, Сашко Кедев. Како што се најавува, најверојатно на присутните ќе им бидат достапни и примероци од програмата.

„Програмата се вика ‘Обнова на Македонија’ со тоа што покрај целосната изборна програма ние подготвивме и преодна стратегија за справување со здравствената и економската криза која што се однесува на првите неколку месеци од делувањето на новата влада, којашто се надеваме дека ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, вели Славески за „Независен“. Тој додава дека мотивот за ова беше токму она што сега најмногу ги интересира граѓаните и бизнисите – што ќе направи новата влада на овој план – справување со здравствената и со економската криза.

Покрај целосната изборна програма ние подготвивме и преодна стратегија за справување со здравствената и економската криза: Трајко Славески

„Така што, имаме посебен документ и утре накратко ќе го презентираме“, вели Славески.

Нешто поконкретен вечерва беше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски кој во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 рече дека програмата што ќе биде промовирана во Битола опфаќа над 1.000 проекти за сите категории на граѓани кои според него ќе ја вратат гордоста кај луѓето, ќе ја подобрат економската состојба и ќе го направат полесен животот на граѓаните.

„Ние сакаме да им се обратиме на оние кои што имаат распукани раце од мака, сакаме да им се обратиме на младите кои што гледаат да заминат од државата, сакаме да им се обратиме на пензионерите кои што го губат достоинството, на работниците кои што се мислат дали утре ќе има работа или не, на малите и средни бизниси кои што работат заедно со своите семејства за да создадат уште некое работно место и да можат така да допринесат во својата локална средина“, рече Николоски.

Претходно, во текот на денот, лидерот на СДСМ Зоран Заев ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за предвремено почнување на кампањата. Одговарајќи на прашања на новинари, Заев рече дека во наредните четири години фокусот на владата треба да биде економијата и решавање на домашните прашања. Заев исто така рече дека Македонија во 2024 година ја гледа како земја со затворени 80 отсто од поглавјата со ЕУ и дека во наредните четири години земјата треба да покаже огромни успеси на домашен план, како што тоа беше направено на меѓународен план во изминатиот период.

„Следниот четиригодишен период е посветеност дома, на економијата, на реформи на институциите, на владеење на правото, на уште посилен здравствен систем кој ќе го почитуваме сите и ќе го јакнеме за сите, со обраазование кое што е неопходно и заради економија и заради здравството и заради правната држава, со јакнење на сите реформи кои што ќе доведат да имаме инситуции кои што ќе им служат на сите“, рече Заев.

Порака до партиите денес стигна и од бизнис заедницата. Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија пред официјалниот старт на кампањата, ги повика политичките партии во своите изборни програми да понудат конкретни решенија за надминување на економските и социјалните последици од Ковид-19 пандемијата.

Организацијата на работодавачи на Македонија очекува успешни избори и брзо формирање стабилни институции за ефикасно справување со економските последици од Ковид-19 кризата: Ангел Димитров

„ОРМ очекува изборите да бидат успешни и да овозможат брзо формирање на стабилни институции кои, преку ефективен социјален дијалог со работодавачите и синдикатите, ќе креираат адекватни економски мерки и политики за надминување на актуелната криза“, вели Димитров, додавајќи дека анкетата што неодамна ја спроведе ОРМ покажала дека корона кризата има големо влијание кај над 80 отсто од домашните компании, а дури 40.000 работни места се наоѓаат во непосреден ризик. Над 70 отсто од анкетираните компании сметаат дека за да ја одржат својата економска активност потребно е да продолжи државната помош и истата да се прошири со даночни олеснувања и дополнителна кредитна поддршка.

„За да се даде соодветен одговор на тековните и идните предизвици неопходни се силни институции, а предуслов за тоа е брзо формирање на стабилна Влада и функционално Собрание кои ќе работат на реализација на економска програма која ќе содржи ефикасни решенија за наминување на последиците од актуелната криза и враќање на патеката на економски раст“, рече Димитров.