Партиите блиску до договор за измени на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР


Работната група за подготовка на измените на Изборниот законик формирана од Министерството за правда е блиску до договор во однос на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, информираат за МИА од Министерството за правда, посочувајќи дека преостанува уште малку време за усогласување на ставовите бидејќи предлогот треба да биде доставен до Собранието. Во однос на изборниот модел, главниот предизвик, како што посочуваат, е утврдување на начинот на избор на градоначалниците, односно дали тие ќе се избираат во прв или во втор круг. Сепак, според информации од политичките партии, за негово менување веројатно ќе се разговара во иднина.

-Пред повеќе месеци, Министерството за правда формираше работна група за подготвка на измените на Изборниот закон, со цел исполнување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но и за да се отвори дискусија околу политички прашања и промената на изборниот модел. Во однос на првата цел, исполнување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, работната група е блиску до договор. Станува збор за исполнување на голем дел од препораките содржани во Конечниот извештај на ОДИХР за предвремените парламентарни избори во 2020 година, но истите се уште во работна верзија и ќе бидат објавени по нивното усогласување, наведуваат за МИА од Министерството.

Во однос на постигнувањето консензус околу политичките прашања и промената на изборниот модел, како што посочуваат, најголемиот дел од учесниците во работната група го поддржуваат ставот дека членовите на општинските совети треба да се избираат на отворени листи.

-Сепак, главниот предизвик е утврдувањето на начинот на изборот на градоначалниците, односно дали истите ќе се избираат во прв или втор круг, наведуваат оттаму.

Поголем дел од последните измени на Изборниот законик, беа усогласување со препораките на ОБСЕ/ОДИХР во делот на Водење на Избирачкиот список,  Кандидирање, Изборна кампања – финансирање на изборна кампања, Заштита на избирачко право.

Од Министерството за правда посочуваат дека имајќи ги предвид препораките на меѓународните тела за промената на изборните правила, кои мора да бидат донесени со консензус, Министерството за правда е на став дека преостанува уште многу малку време за усогласување на ставовите, а дека измените на Изборниот законик треба да бидат испратени што е можно поскоро во Собранието, имајќи ја предвид и тамошната агенда и обем на работа.

Во Собранието на Република Северна Македонија во изминатите месеци пратеници од помалите партии поддржани од СДСМ, доставија два предлози за измени на Изборниот законик, првиот за земјата да биде една изборна единица, а вториот за отворени листи и застапеноста на мажите и жените на листите да биде рамноправна односно 50:50. И двата се ставени во собраниска процедура, но за нив не е отворена дебата во собраниските комисии, ниту пак на пленарна седница.

Локалните избори во Северна Македонија се најавени за втората половина на октомври. Партиите веќе започнаа со неформални кампањи по олабавување на мерките за превенција од ширење на Ковид-19. ев/вј/

2021-06-23 07:21:42, од Елизабета Велјановска-Најдеска