Парното поскапува за 4,51 отсто, на сметка од 1.800 денари зголемувањето е 80 денари

Се работи за потрошувачите кои што се приклучени на системот на ЕСМ, додека оние на „Железарското“ парно и од Скопје Север, ќе добиваат нешто помали сметки


Сметките за парно греење за потрошувачите во Градот Скопје ќе бидат поголеми за 4,51 отсто почнувајќи од 1 ноември годинава, соопшти денес на прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски. Станува збор за потрошувачите кои што се приклучени на системот на ЕСМ, додека оние на популарното „Железарско“ парно и од Скопје Север, ќе добиваат нешто помали сметки од досега.

„За најголемиот систем во Градот Скопје од кој што се снабдуваат околу 57-58 илјади потрошувачи цената на топлинската енергија се зголемува за 4,51 отсто. Тоа на сметка од 1.000 денари значи зголемување од 45 денари, а поконкретно за една просечна сметка од 1.800 денари, колку што е во Скопје, зголемувањето е 80 денари“, рече Бислимоски.

Тој нагласи дека како што кажуваа од РКЕ во изминатиот период, одлуката за цените не се носеше сѐ додека регулаторите не добија цврсто уверување дека ќе започне поставувањето на цевководот на мостот „Беласица“.

(Фото: Борис Грданоски)

„Цената за топлината која што ја утврдивме и за ТЕ-ТО со оваа одлука е за повеќе од два пати пониска отколку што е цената во топланите во градот Скопје“, рече Бислимоски.

Тој објасни дека преточено во сметка, без ТЕ-ТО, зголемувањето би било некаде 60 проценти.

„Поради тоа инсистиравме што е можно повеќе да ја искористиме придобивката од ТЕ-ТО имајќи во предвид дека оваа топлинска енергија е повеќе од два пати поевтина отколку цената на топланите“, рече Бислимоски.

Според него носењето на најновата одлука за парното греење била исклучително тешко затоа што со неа требало да се врати назад позајмицата на Владата од 6 милиони евра дадена во јануари 2022 година. Бислимоски изрази благодарност до Владата затоа што се согласи со оваа одлука да не се вратат сите 6 милиони евра туку 35 проценти.

„Исто така при пресметка на факторот корекција кај ЕСМ дистрибуција, за да не предизвикуваме понатамошен ценовен шок, признаваме само 20 проценти од тој фактор. Во услови кога ќе има стабилизација на цените на гасот, сите овие пари постепено ќе се вратат назад кај компаниите“, рече Бислимоски.

Во однос на побараните трошоци, Регулаторната комисија за енергетика призна за 5 милиони евра помалку трошоци кај трите компании.

Бислимоски појасни дека во изминатата година се отиде во целосна транзиција во компаниите кои ќе го снабдуваат со парно граѓаните на Градот Скопје.

„Значи, имаше три приватни компании, па потоа во почетокот на минатата грејна сезона започна со една нова компанија во делот на производството. Значи имаме нова ситуација во која што има три компании кои што произлегуваат од ЕСМ, три државни компании кои ја обезбедуваат топлинската енергија за 97 отсто од потрошувачите во Скопје. Секоја ваква транзиција и реформа е битно секогаш да биде во полза на граѓаните“, рече Бислимоски додавајќи дека од тие причини се водело сметка при анализата на трошоците на компаниите. Во најголем дел тие трошоци се намалени со една единствена цел да се поттикне поефикасно и поекономично работење.

(Фото: Борис Грданоски)

„Со оваа одлука се водиме пред се од интересите на потрошувачите. Во изминатиот период се соочивме со најскапи цени на природниот гас и успеваме да одржиме ценовна стабилност во делот на топлинската енергија. Во однос на двата останати системи, популарното Железарско греење, кое го прави ЕСМ енергетика, цената е незначително намалена, а исто така и во Скопје Север цената е намалена“, рече Бислимоски, додавајќи дека сето ова обезбедува предуслови за сигурно стабилно функционирање на системот за топлинска енергија во Градот Скопје.

Бислимоски упати критики и за почетокот на грејната сезона, која според него требало да биде подобра.

Во однос на таксата на природниот гас која ја наметна Бугарија, Бислимоски рече дека поради тоа нема да има корекција на цената на парното.

„На последниот тендер цената е вообичаена и е во рамките на цените на најголемата берза за природен гас во Европа, онаа во Холандија, но не знаеме дали е вкалкулиран и тој трошок“, рече Бислимоски.

Тој верува дека во наредниот период ќе бидат преземени сите мерки, бидејќи Македонија на ниту еден начин не треба биде погодена од оваа такса која се однесува на рускиот гас и таргет не била Македонија, туку други држави.

„Една од опциите е да се зголеми капацитетот на гасоводот и низ него да доаѓа природен гас и од други земји“, рече Бислимоски. (М.Ј.)