Парламентот на Унгарија го одобри влезот на Финска во НАТО


Парламентот на Унгарија на денешната седница гласаше за ратификација на членството на Финска во НАТО, со што се направи важен чекор кон влезот на оваа земја во воено-политичкиот сојуз.

По неколку одложувања, унгарските претставници денеска ја започнаа дискусијата за прием на Финска во НАТО. По неколкучасовна дискусија, политичарите пристапија кон гласање и го усвоија предлогот Унгарија да го ратификува влезот на оваа земја во НАТО. За овој предлог гласаа 182 пратеници, а шест беа против.

Унгарија и Турција се единствените преостанати земји од НАТО кои сè уште не го ратификувале членството на Финска во оваа организација. Иако влезот на Финска и Шведска во НАТО требаше да се смета како пакет, Турција соопшти дека Шведска сè уште не ги исполнува условите и дека оваа земја ќе разговара само за членство на Финска во НАТО.

Со сличен став беа и Унгарците, каде владејачката партија со која претседава Виктор Орбан истакна дека нема ништо против Финска да влезе во НАТО, но дека Шведска сè уште не ги исполнува условите.

Исто така, унгарските претставници порачаа дека оваа земја нема да биде последна кога е во прашање одлуката за членство на Финска во НАТО, а со денешното гласање Унгарците го одржаа зборот по низата одложувања.

Кога станува збор за Турција, Комисијата за надворешни работи на Парламентот на Турција го одобри влезот на оваа земја во НАТО, при што беше истакнато дека расправата за ова прашање во парламентот треба да се одржи веќе оваа недела.

Кога Турција, како последна земја што го одобри влезот на Финска во НАТО, ќе го преземе овој чекор, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг официјално ќе ја покани Финска да се приклучи. Оваа земја дефинитивно ќе стане членка кога писмото за пристапување во НАТО ќе биде депонирано на чување во Соединетите Американски Држави.