Парламентарното собрание на Советот на Европа го поздрави напредокот постигнат од Северна Македонија


Франција – Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) го поздрави напредокот постигнат од 2013 година од страна на властите на Северна Македонија, наведувајќи пет области што ќе продолжи да ги оценува во следниот извештај, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Во резолуцијата усвоена доцна вчера вечер врз основа на извештајот на Лиз Кристоферсен (Норвешка, Социјалист) и Александар Поције (Полска, ЕНП / ДХ), ПССЕ ги поздрави преземените чекори, по двегодишниот политички транзициски период, да ја „нормализира“ ситуацијата во земјата и да ги почитува стандардите на Советот на Европа. Парламентарците од 47-те земји членки на Советот на Европа исто така, го поздравија, како што рекоа, „извонредното“ подобрување во односите на Северна Македонија со соседите.

Сепак, тие истакнаа дека неодамна донесените закони треба да бидат целосно имплементирани со цел државните институции да бидат поодржливи, да се зајакне независноста на судството и да се консолидира владеењето на правото.

Собранието одлучи да го продолжи пост-мониторинг дијалогот и посочи дека неговиот следен извештај ќе го оцени напредокот постигнат во консолидирање на функционирањето на демократските институции, зајакнување на независноста на судството, борба против корупцијата, зајакнување на изборните рамки и спроведување инклузивни политики за заштита на правата на малцинствата.