Париз за Нова Година ангажира 100.000 полицајци да ги растураат забавите и да го спроведуваат полицискиот час

Париз ќе мобилизира 100.000 полицајци и жандарми за да ги растураат забавите и да го спроведат полицискиот час против коронавирусот за време на новогодишната ноќ.

Планот е да се спречат немирите, како изминатите години, кога во највеселата ноќ беа запалени голем број автомобили.

Францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, нареди видливо присуство на полицијата во центарот и предградијата од 20 часот кога ќе почне полицискиот час.

Во текот на вечерта, половина од линиите на метрото ќе бидат затворени, пренесе Би-Би-Си.

Дарманин, исто така, повика да се разгледа и мерката за прекин на јавниот транспорт низ целата земја.

Во Франција, коронавирусот досега е потврден кај 2,6 милиони луѓе, што ја прави петта земја во светот според бројот на заразени, а има и над 64.000 умрени.