Париз не сака да стане Отава: Забранет францускиот „Конвој на слободата“


 

Париската полиција денесак објави дека ќе го забрани протестот „Конвој на слободата“ во францускиот главен град од 11 до 14 февруари, инспириран од протестот на камионџиите во Канада против епидемиолошките мерки воведени поради корона вирусот.

Демонстрантите вчера тргнаа од југот на Франција во таканаречен „Конвој на слободата“ кон Париз, каде би побарале крај на епидемиолошките мерки. Прганизаторите рекоа дека од петок вечер ќе ја блокираат француската престолнина.

„Ќе бидат воведени посебни мерки, кои ќе спречат блокада на улици, ќе се казнува и ќе се приведуваат прекршителите на овие забрани“, се наведува во соопштението на префектурата.

Почна од Ница

Околу 200 демонстранти се собраа на паркингот во Ница, на француското средоземно крајбрежје, каде многумина го обесија француското знаме во знак на поддршка на возачите на камиони во Канада, кои протестираат против тамошните мерки во борба против корона вирусот. Конвои тргнаа и од други два француски града.

Демонстрантите предвидоа дека во петок навечер ќе стигнат во Париз, а некои повикуваат потоа да се замине за Брисел, за во европската престолнина да се постигне „европско ускладување“, во понеделник.

„Организаторот на забранетите демонстрации може да биде казнет со шест месеци затвор и со 7.500 евра“, појаснија од префектурата. Казни се предвидени и за учесниците.