Париз не е подготвен за 15 милиони луѓе на Олимпијадата


Градоначалничката на Париз, Ан Идалго процени дека јавниот превоз во француската престолнина нема да може да ги задоволи потребите за време на Олимписките игри во 2024 година, наведувајќи го недоволниот број и фреквенција на возови на одредени места. Градоначалничката на Париз во емисијата Quotidien на каналот TMC изјави дека градот нема да биде подготвен во однос на транспортот и отстранувањето на бездомниците од улиците и мостовите за време на Игрите.

„Сè уште имаме потешкотии во секојдневниот транспорт и не можеме да го постигнеме потребното ниво на точност и удобност за Парижаните за време на Игрите“, рече Ан Идалго. „Всушност, има места каде транспортот воопшто нема да биде возможен бидејќи нема да има доволно возови. Тоа е одговорност на регионот Ил-де-Франс и владата.

Мобилноста во регионот на Париз за време на Олимписките и Параолимписките игри во летото 2024 година е предизвик за властите, кои се обврзаа на 100% пристап до местата за натпреварување со јавен превоз. Организаторите очекуваат дека на Игрите ќе дојдат речиси 15 милиони гледачи и акредитирани лица.