Париз на референдум го забрани изнајмувањето електрични тротинети
Жителите на Париз гласаа за забрана за изнајмување електрични тротинети во француската престолнина.
Речиси 90 отсто од оние што излегоа во неделата на референдум организиран од канцеларијата на градоначалникот на Париз гласаа за забраната.
Излезноста беше многу мала, само 7,46% од регистрираните гласачи гласаа на едно од 203-те избирачки места отворени за таа прилика.
„На 1 септември повеќе нема да има скутери за изнајмување во Париз. … Ова е победа за локалната демократија“, рече градоначалничката на Париз, Ан Идалго, на прес-конференција за време на викендот.
Забраната ќе стапи на сила на крајот на август, кога истекуваат договорите на градските оператори со тротинети. Приватните сопственици на е-скутери нема да бидат засегнати.
Операторите брзо реагираа на веста за резултатот од референдумот.
„Вистинската последица е за нашите 400.000 месечни корисници, за 800-те вработени во ‘Дот’ во Париз. Потоа, тоа е и за жителите бидејќи, математички гледано, ако ги одземеме скутерите, тоа е поголема заситеност во јавниот превоз и повеќе индивидуални возила“, изјави Николас Горс, главен деловен директор на операторот за скутери „Дот“, за радиото РМЦ во понеделникот наутро.
Во последниве години, Париз воведе различни мерки со цел да се намали зависноста на градот од приватни автомобили и да се зголеми привлечноста на другите начини на патување. Велосипедски патеки, субвенционирано изнајмување е-велосипеди, подобрен јавен превоз и изнајмување е-скутери беа дел од таа кампања.
Помеѓу средината на 2012 и средината на 2022 година, најновата година за која се достапни податоци, имаше пад на сообраќајот на патиштата во Париз за 33 отсто, според градското собрание.
Меѓутоа, во извештајот минатиот ноември, Француската академија за медицина ги опиша е-скутерите како „вистински здравствен проблем“ и истакна дека „несреќите поврзани со електричните скутери се поврзани со значителен број сериозни повреди“.
Париската полиција не собира бројки за повреди и смртни случаи предизвикани конкретно од електронските скутери. Меѓутоа, меѓу 2021 и 2022 година, бројот на несреќи со „моторизирани лични транспортни уреди“ – кои вклучуваат е-скутери, жироподи и моторизирани скејтборди – се зголеми за речиси една третина, на 516 несреќи, што резултираше со три смртни случаи, соопшти полицијата.
Париз не е единствениот европски град кој се бори со електричните тротинети. Барселона беше ран шампион, но делумно ги забрани во историските делови на градот од 2016 година.
Во Лондон, е-скутерите во приватна сопственост остануваат нелегални за употреба на јавни патишта, но јавнара употреба се спроведува со три оператори од средината на 2021 година.