Париз донесе одлука за задолжително носење маска на отворено


 

Во Париз стапи на сила одлуката за задолжително носење маски на бреговите на реката Сена и каналите, како и на некои прометни улици.

Париз е уште еден во низата француски градови што воведе задолжително носење маски во некои места на отворено. Маските се задолжителни низ целата земја во повеќето затворени простории отворени за јавноста.

Франција повторно се соочува со зголемување на бројот на заразени. Во петокот навечер, за 24 часа се пријавени 2.228 нови случаи. Сепак, бројот на сериозно болни пациенти на интензивна нега остана стабилен на 383. Во екот на епидемијата во почетокот на април, повеќе од 7.000 луѓе беа на интензивна нега во земјата.

Во Франција досега од Ковид-19 починаа 30.324 лица.

Одлуката за воведување задолжително носење маски на отворено ги подели експертите. Некои велат дека тоа ќе помогне да се спречи повторното ширење на инфекцијата, додека други укажуваат на докази дека повеќето инфекции се случуваат во затворено.