Париз денеска е домаќин на конференција за безбедноста на Ормуската Теснина, без учество на САД
Околу 30 земји ќе се соберат денеска на конференција во Париз по иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон за да разгледаат воспоставување меѓународна мисија за обезбедување на пловидба низ Ормуската Теснина, додека САД нема да учествуваат во иницијативата.
На состанокот во Елисејската палата, кој, како што е најавено, ќе започне во 14 часот, Макрон ќе биде домаќин на британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц и италијанската премиерка Џорџа Мелони, додека некои учесници од Европа, Блискиот Исток, Азија и Латинска Америка ќе се приклучат преку видеоконференција, објави „Паризиен“.
Предложената мисија, според француската страна, би била „строго одбранбена“ и би имала за цел да гарантира слобода на пловидба низ Ормуската Теснина, да обезбеди безбедност за бродските компании и да поддржи евентуални операции за расчистување на мини.
Земјите учеснички би можеле да придонесат со бродови, авиони или капацитети за надзор.
Франција ја изнесе идејата за меѓународна мисија на 9 март, но нејзиното спроведување зависи од стабилизацијата на сегашното, како што наведува Париз, „неформално“ примирје меѓу Иран, САД и нивните сојузници.
Париз, исто така, постави дополнителни услови, вклучително и Иран да не ги таргетира комерцијалните бродови, САД да не го блокираат поморскиот сообраќај и да нема поставени мини во теснецот или воведување такси за премин на бродови.
Франција и Обединетото Кралство одлучија да ја започнат иницијативата без директно учество од Вашингтон, настојувајќи да одржат неутрална позиција и, како што објави Елисејската палата, да најдат „трет пат“ помеѓу американскиот притисок врз Иран и евентуалното обновување на непријателствата.
По состанокот во Париз, следната недела е планиран уште еден самит во Нортвуд, во близина на Лондон, каде што се наоѓа британскиот воен штаб, а понатамошните чекори ќе зависат од развојот на примирјето и евентуалното продолжување на преговорите меѓу Вашингтон и Техеран.