Наместо карго–аеродром во Штип, со 49,7 милиони евра ќе се градат училишта, градинки, водовод и канализации


Средствата во износ од 49,7 милиони евра кои првично беа предвидени за изградба на карго–аеродромот во Штип ќе се пренаменат за изградба на училишта, градинки, водовод и канализации, изјави министерот за економија Крешник Бектеши на заедничката прес конференција со менаџментот на ТАВ Македонија.

Министерот Бектеши информираше дека во текот на минатата година Министерството за економија направи измени на Законот за јавно приватно партнерство со кој се отвара можноста средствата предвидени во договорот за концесија со ТАВ Македонија, наменети за изградба на карго -аеродром во Штип да се пренаменат за проекти од јавен интерес на државата.

Министерот информираше дека до во наредниот период Владата и концесионерот ќе склучат анекс на договорот за концесија со што од следната година ќе започне реализацијата на проектите.

„Анализите покажуваат дека изградбата на карго-аеродромот во Штип не е економски оправдана и сакаме тие средства да ги пренамениме за проекти од јавен интерес за подобрување на животот на сите граѓани како што се училишта, градинки, водоводи, канализации и реконструкција на општински згради се со цел да се олесни пристапот до услуги за граѓаните. Се работи за сума од 49,7 милиони евра“ кажа Бектеши.

Министерот информираше дека општините веќе минатата година доставија свои проекти кои се приоритетни за реализација.

„Владата има список на проекти кои се приоритетни за реализација а се доставени од општините. Кога ќе се потпише анекс-договорот ќе бидат објавени и проектите кои што ќе се реализираат и динамиката за нивна реализација“ информираше министерот Бектеши.

Министерот Бектеши кажа дека и во наредниот период ќе продолжи успешната соработа помеѓу Министерството за економија и ТАВ Македонија со цел подобрување на услугите за граѓаните.

Ерсој истакна дека се согласуваат со одлуката на Владата средствата да се реалоцираат за проекти од корист на граѓаните.

– Дискутиравме со министерот за правните аспекти околу релокација на средствата што беа наменети за изградба на карго аеродоромот во Штип. Претходно имавме состаноци и со други претставници на Владата и се надеваме дека наскоро ќе најдеме правна рамка за пренамена на овие средства во други проекти што ќе бидат од интерес на македонската јавност, изјави Ерсој.

Тој најави дека поради драстичниот пад на бројот на патниците и приходите како резултат на ковид кризата ќе поднесат барање до Владата за одредени бенефиции доколку ги исполнуваат условите.

Авиосообраќајот, потенцираше, е една од најпогодените индустрии од кризата. Аеродрмите беа затворени за патнички сообраќај од март до јуни, а по повторното отворање, како што информира Ерсој, на Скопскиот аеродром имаат само 1,5 отсто од планираните патници, а на Охридскиот 15  проценти, со што приходите се намалиле драстично.

ТАВ Македонија управува со аеродромите во Скопје и во Охрид веќе 10 години. Откако испитувањата покажаа дека нема можности за реализација на карго аеродромот, од ТАВ пред почетокот на пандемијата најавија дека 10 милиони евра од парите за карго аеродромот ќе вложат во проширување на аеродромите во Скопје и во Охрид, а 35 во инфаструктурни проекти.

Дваесетгодишниот Договорот со ТАВ за управување со аеродормите е со важност со 2030 година. Законот дозволува концесија до 35 години. За продолжување на концесијата и по нејзиниот истек во 2030 година планираат да почнат преговори за натамошни инвестиции и да добијат дополнителни 15 години.