Париските болници ќе одложат 20 отсто од хируршките операции „од овој викенд“ поради вториот бран на Ковид-19

Франција– Дирекцијата  на париските болници соопшти дека е принудена да одложи хируршки интервенции „од овој викенд“, поради зголемен број пациенти болни од новиот коронавирус во одделите за интензивна нега, јави дописникот на МИА.

Бројот на „пациенти со ковид“ хоспитализирани во парсиките билници се искачи од 150 на почетокот на септември на 330 во средата. Здравствените власти очекуваат до 600 на крајот на месецот.

– Расте и бројот на пациентите примени на интензивна нега – 50 пред три недели, 132 вчера и веројатно повеќе од 200 следната недела, соопшти заменик директорот, Франсоа Кремијо.

– Сега е потребно одложување. Сакавме да го избегнеме по секоја цена и париските болници ќе бидат принудени да го направат тоа од овој викенд, зарадипациентите со Ковид на интензивна нега, објасни тој.

Ова ќе претставува „околу 20 отсто“ од планираните операции, приоритетно на оние што се однесуваат на „пациенти чиј третман може да се одложи без ризик од губење на можностите за лекување“.

Болниците сега се надеваат дека новите ограничувања објавени вчера од министерот за здравство, Оливие Веран, ќе овозможат да се запре епидемискиот скок.

-Предизвик за следните 15 дена ќе биде да не се оди над 50 отсто на одложени   планирани операции, додаде Франсоа Кремијо.

Генералниот директор на париските болници, Мартин Хирш, сепак истакна дека овие „прилагодувања на закажаните активности“ не биле од ист ред како и „масовното откажување“, одлучено на национално ниво, непосредно пред мерките на изолација во средината на март.