Пари: Сите факти за платите во јавниот сектор: Сè повеќе пари од буџетот, сè поголемо незадоволство кај вработените


Мартовската плата која веќе почнува да се исплатува од утре, не може да биде под новиот законски минимален износ од 18.000 денари. Согласно сложеноста на трудот, би требало да се формираат и цените на трудот за различни работни позиции. Но, иако од страна на Владата постојано се повторува дека во јавниот сектор тоа ќе биде спроведено согласно членот 8 од Законот за минимална плата, синдикатите браат конкретни бројки и вчера излегоа на предупредувачки протест со јасна порака дека ако не се исполнат нивните барања, ќе има генерален штрајк, а во деновите кога ќе се штрајкува, вработените во училиштата и во градинките ќе бидат на своите работни места, но нема да згрижуваат деца и нема да има воспитно-образовен процес. 

Зошто не се верува во најавеното усогласување?

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во повеќе наврати во јавноста информираше дека со сите синдикати е разговарано за скалесто зголемување на платите, согласно растот на минималната плата.

– Ќе има усогласување затоа што тоа е доблесно и ние мораме да бидеме конзистентни во спроведување на законите кон сите. Тоа значи дека ќе ги нивелираме минималните плати и дека во јавниот сектор нема да има плати кои што се под минималната плата од 18.000 денари. Усогласувањето ќе оди според членот 8 од Законот за минимална плата и никој не бега од тоа – изјави Битиќи.

Во член 8 од Законот за минимална плата пишува: “Постојните колективни договори ќе се усогласат со овој закон најдоцна во рок од шест месеци од денот во влегувањето во сила на овој закон“. Но, за разлика од стопанството, каде што има еден општ колективен договор, за јавниот сектори има грански договори. Притоа, кога се образложуваше порастот на платите во Буџетот за 2022 години, министерот за финансии Фатмир Бесими, единствено платите во култура ги поврза со растот на минималната плата.

За плати на администрацијата, во Буџетот за 2022 година ќе се потрошат 531 милион евра, или 17 милиони евра повеќе од 2021 година.

– Тука влегуваат зголемување на плати во здравство за 5 проценти, поголеми плати во судство за 15 проценти, раст на плати од 15 проценти за обвинителите, 7 проценти поголеми плати во образованието согласно колективниот договор, раст на плати во културата – согласно колективниот договор во кој растот се поврзува со растот на минималната плата и 10 проценти раст на платите на инспекциските служби согласно закон што е донесе и според кој ова ќе биде трета година како се корегираат нивните плати– изјави министерот за финансии, Фатмир Бесими при носењето на Буџетот за 2022 година кога се уште не беше донесена одлуката и законските измени за минималната плата од 18.000 денари.

Од друга страна, како што во повеќе наврати потенцираа и од Синдикатот на работниците од управата, правосудни органи и здруженија на граѓани и од Конфедерацијата на слободни синдикати и досега важеше членот 8 од Законот за минимална плата, но ниту еднаш кога таа се покачи, немаше усогласување со растот на останатите плати. Дури имаше и плати под минималната плата, а тие произлегуваа од регулативата според која се врши бодувањето во јавната админситарција. Па така, со еден закон се утврдува минимална плата, со друга регулатива, се утврдуваат плати дури и под таа минимална.

Каква е просечната плата во јавниот сектор?

Официјални податоци за просечна плата во јавниот сектор нема. Според Годишниот извештај за вработените во јавниот сектор во 2021 година  работен однос имат засновано 132.088 лица. Во 2021 година за плати во јавната администрација се потрошени 514 милиони евра.  Но, за да се добие просечната плата не може да се направи проста математика, со делење на овој буџет со бројот на вработените, затоа што поголем број на институции се основани од Град Скопје и од општините кои ги финасираат вработените од своите буџети и од блок –трансакции од централниот буџет.

Колку за информација, какви се платите во јавниот сектор може да послужи едно истражување од 2018 година што е спроведено во рамките на проектот „Поддршка на македонската парламентарна реформа” . Во ова истражување има резултати за платите во 2016 година. Според тогашното истражување, просечната плата во јавниот сектор, финансиран од Централниот буџет, била поголема од републичкиот просек.

„Според податоците во буџетот за 2016 година, бројот на вработените во буџетските корисници изнесува 50.723, а износот за реализираните средства за вкупни плати и надоместоци за 2016 година изнесува 25.907.403.000, што значи дека просечниот износ за плати и надоместоци (бруто-износ) по вработен кај сите буџетските корисници на Централниот буџет изнесува 42.563 денари, што е за речиси 10.000 денари поголем износ во однос на просечната бруто плата во Република Македонија за 2016 година, или просечната месечна нето-плата по вработен кај сите буџетски корисници за 2016 година изнесува 28.700 денари, што, пак, е поголема за 6.360 денари од просечната месечна нето-плата во Република Македонија“, пишува во документот.

За разлика од 2016 година, кога просечната нето-плата во државата била 22.340 денари, сега просечната нето-плата е 29.980 денари (последни податоци за јануари 2022 година).

Порталот „Пари“ направи и анализа колку пари во последнице 5 години се потрошиле од државната каса и колку вработени имало во јавниот сектор.

Движење на бројот на вработените и на издвојувањата за плати во јавниот сектор

ГОДИНА

ВРАБОТЕНИ ВО ЈАВЕН СЕКТОР

РАСХОД ОД БУЏЕТ ЗА БРУТО ПЛАТА (ВО МИЛИОНИ ЕВРА)

2017

128.722

427

2018

132.068

429

2019

132.900

451

2020

131.183

484

2021

132.088

514

Извор: Министерство за информатичко општество и администрација и Министерство за финансии.