„Пари“: Најголемите даночни должници се на иста адреса и наскоро треба да се избришат


Фото: Б. Грданоски
Порталот „Пари“ направи нова анализа која се однесува на најголемите должници во земјава. Она што е особено интересно е што три од најголемите пет должници се на иста адреса.
Управата за јавни приходи редовно ја објавува листата на должници. Последната објавена е за долгови доспеани до 30.09.2021 и неплатени до 31.12.2021 година по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност; и е повисок од 300.000 денари за правните лица.
Еве кои се 5 најголеми даночни должници во државава:
(во евра)

ДОЛЖНИК ИЗНОС
Глобал Итали експорт-импорт Скопје 4.750.000
Национални шуми 4.740.000
Италмонд ДОО експорт-импорт Скопје 4.540.000
Уни-М ДОО експорт –импорт Скопје 4.537.000
НУ ЦК И-А Смок  Тетово 3.400.000

Извор: УЈП

Пребарувањата по податоците од Централниот регистар покажува дека компанијата „Глобал Итали експорт-импорт Скопје“ која има најголем даночен долг од 4.750.000 милиони евра,  компанијата „Италмонд ДОО експорт импот“ која и должи на државата 4.540.000 евра (трет по големина даночен долг) и фирмата „Уни-М“ која е на четвртото должничко место со долг од 4.537.000 евра, имаат иста адреса – „Наум Наумовски Борче“ бр. 87 локал 9-а. Но, трите компании веројатно, за една недела ќе престанат да постојат, а со тоа државата ќе се прости со речиси 14 милиони евра.

Имено, податоците на Централниот регистар покажуваат дека трите компании на 29 јануари 2021 година се ставени на листата за бришење. На таа листа, според законската регулатива, се евидентираат компании кои не поднеле годишна сметка за деловната 2018 година и/или не поднеле пријава за упис на адреса на електронско сандаче, или пак не го уплатиле основачкиот влог по истекот на една година од објавувањето на уписот на веб страницата на Централниот регистар. На тој список тие се една година, а во меѓувреме може да ги остранат недостатоците за кои се нашле на листата на бришење, но можно е и некој да покрене предлог за ликвидација, или за отворање стечајна постапка. Ако нешто од тоа се случи, Централниот регистар на ажурирана листа ќе ја тргне компанијата од списокот за бришење. Последното ажурирање, Централниот регистар го направил на 13.1.2022 година, а трите компании се таму, што значи ниту УЈП, ниту некој друг повел постапка за стечај. Централниот регистар, како што му налага законот, ќе ги избрише овие фирми на 29 јануари 2022 година, освен ако нешто не се случи во последен момент.

„Национални шуми“ (поранешна „Македонски шуми“) е јавно претпријатие кое стопанисува со 859.427 хектари, или 90 проценти од вкупната површина под шума во РСМ. Јавното претпријатие веќе подолго време се наоѓа на втората позиција по големината на долгот кон државата. Но, за долговите на ова претпријатие се зборува одамна, уште пред „црните листи“ на УЈП. Сегашниот долг е за неплатено ДДВ од над 4,7 милиони евра, а во 2011 година, на прес конференција ,тогашниот директор Жарко Караџоски открива дека „Македонски шуми“ има натрупан долг по основ на ДДВ од 17,8 милиони евра, кој ќе се репрограмира од страна на државата без камата.
Петото место на  црната листа на УЈП, и припаѓа на Националната установа – центар за култура „Иљо Антески – Смок“ од Тетово, која за неплатен ДДВ должи 3,4 милиони евра. Во 2020 година Државниот завод за ревизија објави извештај за оваа национална установа и информираше: „Ревизијата не изрази мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2018 година и за усогласеност на активностите, финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики“.
На првата листа на должници објавена годинава, објавени се 1.762 должници – правни лица (помалку за пет од претходната листа) и 3.036 физички лица (повеќе за 14 од претходната листа). Вкупно објавениот нето долг во Листата бр.01/2022 изнесува 8.674.110.769 денари, помалку за 89.291.047 денари од претходната листа, информира УЈП.
 
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/pari-otkriva-najgolemi-danocni-dolznici-ujp-ista-adresa/