Колку изнесувале исплатите за пензии и државните трансфери кон ПИОМ во последните 5 години

За пензии годинава се планираат 1,2 милијарди евра, државата ќе помага со над 500 милиони


Фото: Б.Грданоски

За пензии годинава се планирани 1,2 милијарди евра. Тоа е дури 119,3 милиони евра, или 10,8 проценти повеќе отколку од ребалансираниот буџет за 2022 година, кога биле наменети 1,1 милијарди евра. Расте износот наменет за пензии, но расте и планираниот износ од пензиските придонеси. Така, од придонеси за пензиско осигурување во 2023 година се планира да се соберат 981,8 милиони евра, додека лани во последниот ребаланс на Буџетот, износот од придонесите за пензиско осигурување бил 868,5 милиони евра.

Но, од државната каса не се покрива само разликата меѓу пензиите и собраните пари од пензискиот придонес, туку повеќе. Причината е што еден дел од пензискиот придонес не оди во Фондот за ПИОМ за сегашните пензионери, туку оди во задолжителните приватни пензиски фондови, како лични пари на сегашните вработени, а идни пензионери. Секако, освен пензиите, мора да се покрие и самото работење на Фондот за ПИОМ. Резултат на тоа е наведеното во Буџетот за 2023 година: трансферот од централниот буџет во Фондот за ПИОМ ќе биде 508,3 милиони евра. Тоа е за 7,3 милиони евра повеќе отколку минатогодишниот трансфер, кој изнесувал 501 милион евра.

Очигледно, при кроењето на Буџетот, иако се планирани речиси 120 милиони евра повеќе пари за пензии во однос на лани, не е планирано соодветно да се зголеми и трансферирањето на пари од државната каса, а причина за тоа е што се очекуваат повеќе пари како придонес од пензиско осигурување поради очекуваното зголемување на платите (пензискиот придонес останува ист како лани и е 18,8 проценти). Имено, буџетските проекции се темелат на две законски обврски: зголемувањето на пензиите во март и во септември, и раст на минималната плата, што повлекува раст и на другите плати, а кое ќе се изврши во март.

Пари ги анализира буџетските податоци во последните 5 години (вклучително и проекциите за 2023 година) со цел да го открие трендот на движењето на пензиите, на прибраните пари од пензиските придонеси, но и на „пензиската дупка“, која мора да се покрие од буџетски трансфер.

Пензии, приходи од пензиски придонеси и буџетски трансфер (во евра)

ГОДИНА

ИЗНОС ЗА ПЕНЗИИ

ПРИХОДИ ОД ПЕНЗИСКИ ПРИДОНЕСИ

ТРАНСФЕР ОД БУЏЕТОТ КОН ФОНДОТ ЗА ПИОМ

2019

915,8 милиони евра

681,6 милиони евра

457 милиони евра

2020

979,1 милион евра

732,4 милиони евра

508 милиони евра

2021

1 милијарда евра

777,5 милиони евра

521 милион евра

2022

1,1 милијарда евра

868,5 милиони евра

501 милион евра

2023

1,2 милијарди евра

981,8 милиони евра

508 милиони евра

 

РАСТОТ НА ИЗНОСОТ ЗА ПЕНЗИИ ГО СЛЕДИ РАСТОТ НА ПРИХОДИТЕ ОД ПРИДОНЕСИ

Ако се погледнат бројките може да се констатира дека од 2019 година до планираниот износ за 2023 година, вкупната сума за пензии е зголемена за околу 300 милиони евра. Имено, за пензии во Буџетот за 2019 година се издвоиле речиси 916 милиони евра, а во 2023 се планирани 1,2 милијарди евра. Ист раст има и кај приходите од придонесот за пензиско осигурување – биле собрани 681,6 милиони евра во 2019 година, а во 2023 година се планира да се соберат 981,8 милиони евра, или 300 милиони евра повеќе. Сепак, бројките покажуваат зголемување на трансферот од централниот буџет до Фондот за ПИОМ. Така, во 2019 година биле потребни 457 милиони евра за крпење на пензиската дупка, а годинава се планираат 508 милиони, или 51 милион евра повеќе. Годинава пак се враќаме на трендот на зголемување на буџетскиот пензиски дефицит, откако во 2022 година имавме намалување. Сепак, и минатата година ја завршивме со благо зголемување на буџетскиот трансфер во однос на планот. Имено, се планираше тој да изнесува 491 милион евра, а изнесуваше 501 милион.

Без државна помош, очигледно не е можно да се исплатат пензиите. Во периодот 2019 ‒ 2023 година за оваа намена се одвоиле дури 2,5 милијарди евра од државната каса. 

 ПОМАЛ ДЕЛ ОД БУЏЕТОТ ЗА СЕРВИСИРАЊЕ НА ПЕНЗИСКАТА ДУПКА

Она што охрабрува е што се намалува учеството на буџетскиот трансфер како процент во однос на вкупните приходи во државната каса. Па така, во 2019 година, тој изнесувал 13,4 %, во 2020 година бил 15,9 %, во 2021 14,1 %, во 2022 12,5 %, а во 2023 година се планира да биде 11,3 %.

 

Колку била државната помош за Фондот за ПИОМ во однос на вкупните приходи во буџетот?

ГОДИНА

БУЏЕТСКИ ТРАНСФЕР (ВО МИЛИОНИ ЕВРА)

ВКУПНИ ПРИХОДИ ВО БУЏЕТ (ВО МИЛИЈАРДИ ЕВРА)

ПРОЦЕНТУАЛНО УЧЕСТВО

2019

457

3,4

13,4 %

2020

508

3,2

15,9 %

2021

521

3,7

14,1 %

2022

501

4,0

12,5 %

2023

508

4,6

11,3 %

Целата анализа е достапна на следниот ЛИНК