Паразити


РУМЕНА БУЖАРОВСКА

Не можам да скријам дека и мене ме преплави ужас кога изби скандалот „Рекет“ во текот на последнава недела. Тоа е еден ужас кој се граничи со неразбирање, ужас придружен со желба да не се прифати сомнежот, а потоа и самата реалност. Тоа е ужас кој расте и се продлабочува, кој се крие под плаштот на привидната нормалност, но кој во суштина разорува и уништува на долгорочен план. Па така, првите реакции од типот „нема да нè биде“, „пакувај куферите“, „дали сум нормален што тука уште живеам“ или „за ова ли се боревме“ на малодушните, проследени со „ти кажав“ и „зошто не ме слушавте кога ви зборев“ на секогаш од другите поумните ништоправци, ги дочекав накострешено, со желбата да им кажам дека ниедна борба за прогрес не е лесна; дека општеството не може да се смени без болно соочување со реалноста. Нагонот да се спротивставам на малодушноста која произлезе од тектонскиот скандал кој нè помести беше голема: сепак, не можам да кажам дека и мене не ме облеа.

Она што можеби најмногу ме ужаснува е согледбата од последиците од единаесетте години ВМРО кои спектакуларно завршија со избивањето на невидениот скандал со прислушувањето, една манифестација на аздисаност од моќ што како канцер ќе нè јаде во наредните триесетина години – или барем дури прислушуваните луѓе не заминат во историјата, кога веќе нема да има кој да ги уценува. Во денешно време, кога веќе не снимаме на плочи и на ленти, да направиш копии од тие разговори и да си ги чуваш во чекмеже како најголема скапоценост воопшто не е тешко. Ако се сомничи специјалната обвинителка, во која ја поведовме надежта за нашето оправање од башибозукот со кој владееја властите во нашата република и кој кулминираше со единаесетте години ВМРО, тогаш навистина што ни преостанува? Токму замислата за тоа кој сè ги има сите разговори и до каде е метастазиран канцерот на коруптивноста најмногу ме ужаснува и ме тера да изгубам надеж дека барем во мојот животен век ќе видам привид на некаква нормалност (што, од друга страна, не значи дека ќе престанам да се борам за неа).

Ако ВМРО владееше со страв и скандали кои не ни дозволуваа да застанеме на нозе од што катадневно нè кутнуваа на земја, тогаш не е тајна дека СДСМ владее со паразитирање врз штетата од претходната власт. Немам намера да го изедначувам фашизмот на ВМРО со она што се случува сега, но битно е да се соочиме со реалноста: наместо ветениот бројчаник со враќањето на парите што ни беа крадени од уста, сега се штитат криминалците кои паразитираат крадејќи од претходните криминалци. Јасно беше како бел ден зошто никој не оди во затвор или, пак, зошто некако безотчетно и волшебно најголемите криминалци ги снемува од државава. Со последниот случај, во кој се посочува главната специјална обвинителка, овој процес на паразитирање сосема излегува на виделина.

Но што очекуваме од земја во која паразитирањето се смета за клучна вредност? Погледнете го само нашиот национален фолк-херој Итар Пејо, со кој од мали нозе нè учат како да се снајдеме, да се провлечеме, да ги „зафркнеме“ другите, да живееме од крадење и лаги. Тоа, за жал, е нашата култура на живеење: а за таа да се промени, треба да се работи на тоа како се образуваат генерациите што доаѓаат и каков однос има државата – се разбира – кон самата култура.

Се навраќам на културата бидејќи сметам дека е нераскинлива со начинот на кој функционира еден систем. Еве, и во културата принципот на паразитчињата не изостанува: не само што не изостанува туку зема сè поголем и поголем замав. Што прави сегашната власт? Ја третира културата како уште едно чекмеже за кусурење и исполнување лични есапи. Знаеме дека Министерството за култура е во распад, што е само уште една причина зошто се чини дека таму работат луѓе кои шерифуваат со институцијата, притоа немајќи никакви квалификации (освен ако лигавењето се смета за пожелно во професионалната биографија). Наперчени од грбот на сегашната власт, решаваат кој каде ќе директорува, заканувајќи се лево-десно дека оние што јавно се спротивставиле на нивните штетни политики немале да добијат ни денар од Министерството. Деновиве изби и скандалот со смената на квалификуваната директорка на Драмскиот театар – сменета без образложение и најава, којзнае за чиј профит (наскоро ќе дознаеме). Тука е уште еден многу битен пример за паразитирање врз грбот на граѓанинот и општиот, долгорочен интерес за закрепнување на државата – нешто што има сериозни закани да помогне да ја турне сегашната власт.

Во скандалот „Рекет“ и во реформите со „метлата“ власта има уште една историска шанса да си го измети, ископа и пречисти дворот, и со тоа и сама да се одржи во живот. За нас е тоа многу битно, оти не сакаме да се вратиме уште 50 години назад. Но за тоа ќе треба и да се очистат од паразитите во себе – нешто во кое, за жал, многу се сомневам.