„Паралелен универзум“ – изложба на колективот „Пркос“


Во галеријата во Младинскиот културен центар (МКЦ) од денеска до 10 јануари е отворена групната изложба на колективнот „Пркос“, насловена „Паралелен универзум“.

Колективот постои една година, составен е од млади луѓе кои се занимаваат со фотографија, илустрација, анимација, дизајн. Учесници се Јасна Николова, Софи Лазовска, Стефан Танков, Маја Плачкоска, Бисера Гиновска, Стевица Ѓорѓевски, Ангела Стојковска, Бетсабеа Верник, Александар Арсовски
 

– Ние никому не кажуваме „како треба“. Ние си ги полниме џебовите со ѕвездена прашина, собираме искуство, учиме, грешиме, ама веруваме во сѐ што создаваме, и веруваме во промена. Уште си го бараме патот, сме ја погодиле орбитата, ама не знаеме на која точка сме во револуцијата. Истражуваме, твориме, пркосиме, сите сме тргнати по своја траекторија, сите си имаме своја замисла, велат од „Пркос“ во својата најава.

Тие за себе велат дека се бенд без музичари, креативни луѓе од полиња како фотографија, илустрација, анимација и дизајн, тука, како што посочуваат, „не е важно од каде доаѓаш и дали те познаваат на улица, битно е да имаш очи полни љубопитност и жар, да си упорен, да создаваш и да не можеш без тоа“.

– Колективот направи една година, и за тој временски период, сфативме дека она што нѐ дефинира нас е што сите сме многу различни, и во креативниот процес, и во стилот, и во техниката, но наместо да гледаме на тоа како препрека, го користиме и го гледаме како нешто што само повеќе нѐ зближува и создава одлична атмосфера за размена на искуства, за учење нови техники и за посмело кршење правила, посочуваат од „Пркос“.