„Папокот на светлината“ – промоции во Битола, во Куманово и во Штип


Ден по ден, оваа недела читателите низ Македонија ќе можат да се сретнат со Венко Андоновски на промоциите во Битола, во Куманово и во Штип.

На 15 март, од 12 часот, во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола, Винка Саздова ќе разговара со Венко Андоновски за сите прашања што ги покренува овој роман – животот, суетата, пријателството и верноста, прочистувањето на душата, потрагата по суштината. Винка Саздова, уште едно истакнато име на домашната книжевна сцена, ќе го придружува нашиот автор и во Штип, на 17 март, исто така, од 12 часот, во НУ Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“.

Во Куманово е на 16 март, на вечерна дружба од 19 часот, во Фоајето на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“. Тука во улога на промотор ќе биде проф. д-р Кристина Николовска.

Венко Андоновски одново блесна со новиот роман што се распродаде за помалку од еден месец. Заслужено се закити со наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобро прозно остварување за 2022 г. Додека е на пат кон нови награди и освојување нова публика, вдомете си го во срцето новиот роман на мајсторот на зборот.

„Вратите на овие промоции во Македонија се отворени за секого, а од нив ќе излезете сите со по еден клуч кон новиот продуховен свет. Повелете заедно да свртиме нова страница во домашната книжевност!, велат од издавачот „Три“.