Папата ја почна посетата на Монголија


Папата Франциск ја почна својата прва посета на Монголија со пофалби за нејзината традиција на верска слобода, која, како што рече, датира од Џингис Кан, и повик на мир и ставање крај на „подмолните закани од корупцијата“.

Папата се сретна со претседателот на државата Ухнагиин Курелсух во традиционален шатор поставен во близина на претседателската палата и напиша порака во книгата на гости дека дошол да ја посети Монголија, „земја на млада и древна, модерна и богата традиција“, како поклоник на мирот.

Тој е во посета на малата римокатоличка заедница која брои 1.450 луѓе и во регион со кој Светата столица долго време има проблематични односи, бидејќи ја има Русија на север и Кина на југ.

Во својот говор, папата Франциск ја пофали монголската традиција на верска слобода, истакнувајќи дека таква толеранција постоела дури и во периодот на огромното проширување на Монголската империја. Тој повика таков период на братство и мир да заживее и денес. 

Курелсух рече дека истиот дух и натаму ги води напорите на Монголија да биде мирољубива, мултилатерална земја на светската сцена.

Папата рече дека религиите можат да бидат заштита од „подмолната закана од корупција, која всушност може да биде сериозна закана за развојот на секоја човечка заедница“.

Монголија ќе биде домаќин на конференција на ОН за деградација на земјиштето во 2026 година и започна кампања за засадување милијарда дрвја на нејзините огромни степи, планини и пасишта.

Подоцна денеска, папата Франциск треба да се сретне со свештеници и мисионери кои се грижат за римокатоличката заедница во земјата, во катедралата Свети Петар и Павле во Улан Батор.