Папата Франциско прескокна традиција стара 1.700 години: „Ова е многу необично“


Папата Франциско последните недели имаше здравствени проблеми, па неговиот помошник чита обраќања до верниците, но ниту подготвениот текст не беше прочитан на Цветници. Агенциите наведуваат дека е многу невообичаено Папата да ја прескокне проповедта, толкувањето на библиските текстови, на толку важен ден за христијаните.

Папата Франциско во неделата го осуди нападот на концертната сала во близина на Москва како „гнасен“ чин кој го навредува Бога, велејќи дека неговите молитви се упатени до жртвите.

„На жртвите од гнасниот терористички напад во Москва им се молам, Господ нека ги донесе во својот мир, нека ги утеши семејствата и нека ги преобрази срцата на оние кои вршат такви нечовечки дела кои го навредуваат Бога“, рече Папата по мисата по повод Цветници, првиот ден од Страсната седмица, која во Католичката црква се слави како спомен на свеченото влегување на Исус во Ерусалим, кога народот го пречека со палми и маслинови гранчиња.

Папата на мисата го прескокна читањето на проповедта за десетици илјади верници на Св. Петар, но тој продолжи да ја води службата.

Омилијата, која ги толкува библиските текстови во литургии, е задолжителна во христијанската литургија уште од IV век, а своите корени ги влече во јудејската практика на толкување на Тора – Петокнижието.

Во последните недели Папата боледуваше од бронхитис и грип и наместо него го задолжи својот помошник да чита обраќања до верниците, но оваа недела неговиот подготвен текст не беше прочитан.

Ројтерс известува дека е крајно невообичаено папата целосно да ја прескокне проповедта на толку важен настан како што е Цветници.

Ватикан се уште не понудил објаснување за изоставувањето на проповедта, а телевизискиот пренос наместо папата Франциско неколку минути ги прикажувал верниците. Радио Ватикан тогаш објави дека папата одлучил да не ја чита проповедта, но продолжил да ја води службата читајќи делови од мисата.

Кардинали, свештеници и епископи учествуваа во богослужбата, која, според Библијата, го одбележува влегувањето на Исус во Ерусалим, неколку дена пред да биде предаден и осуден на погубување со распнување.

Црковните водачи и верниците држеле палми и маслинови гранчиња во рацете на богослужбата што го означи почетокот на Страсната седмица, увертира на Велигден, кој христијаните го сметаат за свој најголем празник.

Папата денеска за време на литургијата седна покрај олтарот поради болки во колената, но му помогнаа кардиналите.