Папата Франциско: Имав тешка пневмонија, затоа и завршив во болница


Папата Франциско, кој има 86 години, вчера откри дека имал „акутна пневмонија“ поради која беше хоспитализиран на крајот на март, но рече дека се уште сака да патува.

„Почувствував остра болка кон крајот на аудиенцијата (на 29 март), но не ја изгубив свеста“, рече Светиот Отец, кој е роден во Аргентина, зборувајќи со новинарите во авионот со кој се враќал од посетата на Будимпешта.

„Имав висока температура (…), лекарот веднаш ме упати во болница“, додаде тој, велејќи дека имал „акутно и тешко воспаление во долниот дел на белите дробови“.

„Телото добро реагираше на лекот. Фала му на Бога, сега можам да ви кажам“, рече тој.

Папата три дена беше во болница во Рим, а беше пуштен на 1 април, откако беше лекуван со антибиотици.

Како млад, Хорхе Бергољо страдал од акутен плеврит (воспаление на слузницата на белите дробови), па хируршки му бил отстранет дел од десното белодробно крило.

За време на последниот здравствен инцидент настана збрка во комуникацијата која ги подгреа гласините за здравствената состојба на папата, бидејќи Ватикан прво објави дека станува збор за закажани болнички прегледи, а потоа дека папата има бронхитис.

Одговарајќи на прашање за претстојните патувања, Папата Франциско потврди дека на почетокот на август планира да замине во Лисабон каде се одржува Светскиот ден на младите, а во септември во Марсеј и Монголија.

„Програмата (на планираните патувања) ме поттикнува“, се пошегува тој.

Здравјето на Хорхе Бергољо, кој беше избран за папа во 2013 година, е сè покревко, особено поради болките во коленото кои бараат од него да се движи во инвалидска количка.