Папата Франциско погребан со приватна церемонија во Санта Марија Маџоре

Само најблиските до него можеа да присуствуваат на погребот, а неговиот ковчег беше пречекан со ѕвона


 

Попладнево беше погребан папата Франциско подалеку од јавноста во едноставна гробница на подот на базиликата Санта Марија Маџоре, помеѓу две капели. Само името Franciskus е врежано на надгробната плоча изработена од лигурски мермер.

Папата Франциско е погребан денеска во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим, а приватната церемонија траеше околу половина час, соопшти Ватикан.

„Погребниот обред се одржа според прописите на Ordo Exsequiarum Romani Pontificis, а го водеше кардиналот коморник во присуство на лицата наведени во соодветното известување од Канцеларијата за литургиски прослави, како и членови на семејството на починатиот Папа. Церемонијата заврши во 13:30 часот по средноевропско време“, се вели во соопштението на Ватикан.

Ковчегот со телото на покојниот папа Францискo, претходно пристигна во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што, како што јавија агенциите ќе биде погребан на приватна церемонија.

Само најблиските до него можеа да присуствуваат на погребот, а неговиот ковчег беше пречекан со ѕвона.

Претходно, по мисата на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, папамобилот со ковчегот помина низ улиците на Рим, при што насобраната маса луѓе се збогуваше со поглаварот на Римокатоличката црква.

Италијанскиот кардинал Џовани Батиста Ре ја изговори молитвата на верниците, позната и како универзална молитва, за време на погребната церемонија на папата Францискo во Рим, а тој момент означи отстапување од традиционалните папски погреби, бидејќи молитвата за првпат беше изговорена на мандарински јазик, по што следеше евхаристиската миса.

Молитвата беше изговорена на шест јазици – италијански, француски, арапски, португалски, полски и германски.

На мисата во Ватикан, според официјалните податоци од Ватикан, присуствуваа околу 250.000 луѓе, како и 170 странски делегации. Меѓу нив имаше шефови на држави и влади, монарси, поранешни државници, политичари од Италија и други земји, интелектуалци, уметници. На погребот присуствуваше и претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.

Целиот настан го следеа околу 2.700 акредитирани новинари.

Поради погребот во Ватикан и во Рим се воведени драконски безбедносни мерки.

Верниците ја следеа секоја фаза од погребот преку големи екрани кои беа поставени и на плоштадот Свети Петар.

Поглаварот на Римокатоличката црква почина на 88-годишна возраст на 21 април.

Верниците уште од утре ќе можат да го посетат гробот на папата во базиликата Санта Марија Маџоре, објави Ватикан.

Од 5 до 10 мај, 135-те кардинали, членови на конклавата, ќе треба да изберат нов папа.