Пановски: Ако немаме мерки, до декември би имале 10.000 мртви од Ковид-19


Во Македонија до декември би имале 10.000 мртви од Ковид-19, односно секој ден би имало по 100 погреби само од починати од корона вирус, предупредува професор доктор Никола Пановски, доколку нема мерки.

„Ова црно сценарио е претпоставено, ако би пуштиле сè, ако немаме мерки и ако им кажеме на луѓето правете што сакате“, изјави д-р Пановски во емисијата „Само вистина“ на Канал 5

Тој вели ако претпоставиме дека имаме 5.000 активни случаи, кои, според вирулентноста на вирусот ако таа е 2-3, односно ако еден болен може да зарази двајца или тројца други, тогаш во следните три месеци би имале повеќе од 10.000 заразени дневно.

Но, тоа е црното сценарио, нагласува Пановски, ако нема мерки.

Што би се случило со економијата ако во еден момент имаме 100.000 заразени. Тоа значи дека 100.000 луѓе нема да одат на работа и нема потреба од карантин за тие да седат дома. Едноставно, ќе бидат болни.

Но, со мерките кои се воведени се држи контрола над вакви црни сценарија, а економијата продолжува со намалено темпо, но не колабира.

Дополнително, вели Пановски, многу често слушам прашања како се излекувале 150, 200 души во еден ден, ако за болеста нема лек. Вирусни заболувања постоеле и пред воопшто да има некакви лекови, имало само чаеви и тревки, па луѓето оздравувале.

„Можеби токму тоа е погрешното. Не треба да кажеме се излекувал, туку оздравел, затоа што луѓето оздравуваат сами. Не им теба лек за организмот сам да се избори со болеста“, додава д-р Пановски.

Во однос на загадувањето и дали тоа влијае на зголемување на смртноста кај болни од корона вирус д-р Пановски вели дека тоа влијае на смртноста општо.

Тој додава дека особено на мажите една од главните занимации им е седење во обложувалници. Внатре е воздухот загаден, за разлика од скандинавските земји, каде во петок тие одат на викенд во природа, спортуваат, возат велосипед, а и воздухот им е почист, вели Пановски.

„Но, да не споредуваме со тие земји, кај нас смртноста е многу повисока од Албанија или од Грција. Или не ни чини системот на евидентирање или нешто друго е во прашање“, вели Пановски.