Панорамскиот лифт во ГТЦ ќе се откаже


Панорамскиот лифт кој почна да се гради во Градскиот трговски центар во СКопје ќе се откаже, тврди скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

На денешната прес-конференција, прашан за панорамскиот лифт ГТЦ, тој рече дека Град Скопје нема ингеренции врз трговскиот објект, ниту панорамскиот лифт бил дел од проектот што го финансирале за зазеленување на дел од кровот на ГТЦ.

– Јас лично не се согласив со таквото решението на управата на ГТЦ и во разговор со директорот на ГТЦ побарав тие активности да престанат. Колку што сум информиран тие се престанати и ќе се откаже тој проект… Дали ќе правите фасада барок или панорамски лифт е сосема сеедно ако не го направите на начин на кој треба да биде направено, во овој случај не беше запазена минимум постапката и процедурата и јас тоа многу јасно и гласно го кажав на директорот, верувам дека барем дел од неговата одлука е заради тој наш разговор, додаде Шилегов.

Новото здание што се гради пред Градскиот трговски центар од страната на плоштадот ги вознемири граѓаните деновиве.

Како што изјави претходно директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, лифтот првенствено требаше да биде наменет за лица со инвалидитет и мајки со деца и дека нема да го наруши изгледот на шопинг-центарот.

Лифтот чинеше 4 милиони денари и освен за возење до зелениот покрив требаше да има пристап до подрумот, приземјето и првиот кат.

Трајчевски сметаше дека сега можеби изгледа непријатно локацијата додека е во процес на изградба, но потоа требаше да се вклопи во содржината.