Паника на светските берзи, почна општа продажба на акции


Утрово на светските пазари на капитал завладеа паника поради руската воена акција во Украина, која иницираше општа продажба на акциите, а вредноста на доларот, златото и нафтата се зголеми.

Пацифичките акции на MSCI, без јапонските, паднаа за повеќе од 3,2 отсто, а австралиските акции паднаа за повеќе од 3,0 отсто, а најликвидните кинески компании за 1,3 отсто, објави Ројтерс.

Токискиот Nikei индекс потона за 2,4 отсто.

Се чини дека падот на акциите од Азија ќе продолжи и денеска на берзите во Европа и во САД, а цените на суровините ќе продолжат нагло да растат, што дополнително ги зголемува ризиците од аспект на инфлација и економски раст.
Акциите на индустриските компании при тргувањето со фјучерси во Њујорк, мерени со индексот Дау Џонс, од утрово паднаа за 720 поени или 2,19 отсто, фјучерсите на акциите во кошничката на индексот S&P 500 се намалени за 2,26 отсто, додека вредноста на технолошките акционерски компании поврзана со индексот Nasdaq 100 падна за 2,73 отсто, покажуваат најновите податоци на CNBC.

Слично е движењето на акциите на европските пазари на капитал. Фјучерс индексот EuroStox 50 и германскиот DAKS потонаа за повеќе од 3,5 отсто во почетокот на тргувањето, додека лондонскиот FTSE падна за 2,0 отсто.

Значајна нестабилност на берзите предизвика продлабочениот руско-украински конфликт, при што индексот на нестабилност CBOE, кој го мери степенот на страв на Волстрит, скокна за повеќе од 55 отсто во изминатите девет дена.

Геополитичките тензии влијаеја и на приносите на американските обврзници. Приносите на референтните 10-годишни американски обврзници паднаа на 1,8681 отсто од вчерашното ниво од 1,977 отсто. Потоноа и приносите на двегодишните должнички хартии од вредност од 1,6 на 1,5 отсто.

Глобалниот пресврт на инвеститорите кон инвестиции во сигурни средства го поттикна скокот на доларот за повеќе од половина процент во однос на кошничката на ривалските валути, на 96,715 поени, додека еврото падна за 0,8 отсто на 1,1220 долари.

Општата распродажба се прошири на пазарите на криптовалути, туркајќи го биткоинот под 35.000 долари за прв пат по неколку месеци.

Од друга страна, денеска, за прв пат од 2014 година, нафтата го надмина нивото од 100 долари за барел, додека со европската нафта „брент“ утринава се тргуваше по цена од 101,93 долари.

За повеќе од 1,7 отсто скокна и вредноста на златото на спортскиот пазар, достигнувајќи го највисокото ниво од почетокот на јануари 2021 година.