Панично купување шеќер во Русија, Кремљ ги повикува Русите да се смират


Празни рафтови во продавници во Москва

 

Кремљ им порача на Русите да не паничат да купуваат основни производи како што се шеќерот и леќата додека цените растат со рекордна стапка и е забележан недостиг низ целата земја.

„Русите немаат апсолутно никаква потреба да трчаат по продавници и да купуваат леќа, шеќерот и тоалетната хартија“, им рече на новинарите во петокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прашањето за извештаите за панично купување.

„Збрката околу залихите во продавниците за храна е крајно емотивна“, рече тој.

Цените се зголемија со најбрзо темпо во повеќе од две децении, а Русија почна да ги чувствува економските последици од нејзината инвазија на Украина, покажуваат податоците објавени од агенцијата за статистика Росстат.

Драматичниот пад на рубљата, во комбинација со западните финансиски санкции и забраните за воздушниот простор, го наруши снабдувањето со увезена стока и храна во земјата.

И покрај тоа што е нето извозник на шеќер, цените се зголемија за повеќе од 15% во последните две недели според владините статистики. Во многу градови е забележан недостиг, пишува „Москва тајмс“.

„Испораките на шеќер се одвиваат без прекин и фабриките работат деноноќно“, изјави министерот за земјоделство Дмитриј Патрушев за државниот ТВ канал Россија-24 подоцна во петокот.

„Што се однесува до претстојната сезона, значително го зголемуваме земјиштето наменето за одгледување шеќер. Тоа ќе ни овозможи да обезбедиме доволно шеќер не само за Русија, туку и за нашите партнери во Евроазиската економска унија“, додаде Патрушев, кој е син на моќниот секретар на Советот за безбедност и поранешен директор на ФСБ, Николај Патрушев.

Песков, исто така, рече дека владата „не формирала став“ за тоа дали ќе се обиде да создаде владин монопол на шеќерот за да ја контролира понудата и цените.

Кремљ веќе забрани извоз на шеќер и други земјоделски производи и претходно воведе контрола на цените за основните производи во време на висока инфлација.