Panic Room во МСУ, наместо екологија на стравот, екологија на мислењето


На 2 октомври во Музејот на современата уметност – Скопје, со почеток во 12 часот, ќе биде отворена групна изложба „Panic Room или скок во мислењето“.

Во поставката земаат учество уметниците: Искра Димитрова, Нехат Беќири, Верица Ковачевска, Нада Прља, Велимир Жерновски, Матеј Богдановски, Христина Иваноска, Јане Чаловски, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Никола Узуновски и групата ОПА. Кураторка на изложбата е Љиљана Неделковска.

Последиците од климатските промени, на чии процеси во голема мера влијае нaчинот на кој човекот се однесува, ја искористува и уништува природата, забрзано ги менуваат животните услови: загаден воздух, почва, мориња, топење на мразот, пожари, поплави, уништени екосистеми, миграции, глад, пандемии… Изложбата ја тематизира состојбата на глобалната опасност што му се заканува на светот.

Уметниците со оваа изложба на разни начини и со разни уметнички техники (сликарство, инсталација, цртеж, видео, фотографии, постери, уметничкo истражувачка работилница, интерактивен виртуелен и партиципативен проект), исцртуваат координати за лоцирање на проблемите со кои се соочува современиот свет во кој живееме, како и на можни креативни платформи како места на отскок од вообичаените практики на мислење и дејствување.

„Концепт на изложбата Panic room е да се понудат можни начини на редизајнирање или ресетирање на нашиот однос кон природното и социјалното опкружување. Создавање инакви пристапи на поврзување и солидарност помеѓу луѓето и нивната околина наспроти вообичаениот начин на кој животните услови се земаат здраво за готово, како нешто што се подразбира, како нешто што ни е дадено и што ни припаѓа.
Воедно, изложбата е и критика на неолибералната финансиска, технолошка, биополитичка, односно некрополитичка стратегија на манипулирање и колонизирање на сите сфери на просторното, биолошкото и симболичкото постоење, и критика на скриената логиката на функционирањето на глобалниот пазар: што повеќе катастрофи (војни, политички, економски и еколошки кризи), толку повеќе профит“, вели кураторката Неделковска.

Panic room не подразбира некакво безбедно место, каде што би можеле да се скриеме (како во филмот на Дејвид Финчер, од кој е и позајмен насловот), туку се однесува на интимниот, внатрешен простор како место на одлука за одлучен пресврт во мислењето: наместо резигнирано да прифатиме дека е многу полесно да се замисли крајот на светот отколку крајот на капитализмот, да направиме скок во мислењето и да го замислиме крајот на капитализмот повикувајќи „нова земја, нов народ“ (Жил Делез, Феликс Гатари) притоа отворајќи можности за нова уметност на живеење и заедништво во светот и со светот. Наместо екологија на стравот, екологија на мислењето.

Ако уметноста сè уште може да не погоди, провоцира, да нè измести од нашите кодифицирани светогледи, ако сè уште може да иницира креативни и критички места од кои би се развивале потенцијални линии на отпор и промена, тогаш таа мора сета своја креативна сила да ја насочи кон разградување на воспоставените клишеа на мислење од кои постојано ги храниме нашите предрасуди и нашите ресентименти.

Во оваа насока, изложбата можеби треба повеќе да се чита како еден вид експеримент, вежба во мислењето, поттик и обид од мислењето да се направи настан, сила со потенцијал за трансформација и промени оттколку само како постановка на дела кои преку понудените уметнички и естетски концепти може длабоко да нè допрат и за миг да ја разбудат во нас свеста за опасноста во која се доведовме, и себеси и светот. Зашто, за да мислиме, не треба само да станеме свесни, туку треба да направиме и пресврт. Пресврт во мислењето.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура како дел од Годишната програма за 2020 и ќе биде отворена до 1 ноември.