Паневропска унија: Македонија е подготвена да ги почне преговорите, треба повеќе од техничко исполнување на критериумите
Според министерот Александар Николоски „ не сите се среќни со нашите резултати и не сите можат да го следат нашиот успех“
„Неоправдан е едностраниот пристап што му го порекнува правото на македонскиот народ на свој јазик и идентитет и со кој се тврди дека македонската нација е создадена по вештачки пат. Според таа логика, може да се постави прашањето „која нација во Европа не е ваштачка?“. Ако се следи таквата перспектива, тоа ќе отвори бројни спорови меѓу Австрија и Германија, Белгија и Холандија, Шведска и Норвешка и тој список може да продолжи уште подлабоко во далечното минато. Да пратиме силна и јасна порака, Македонија е зрела и подготвена земја за брзо почнување на пристапните преговори и за полноправно членство во ЕУ. Македонија може да послужи како модел за други земји во Југоисточна Европа, покажувајќи дека патот кон европската интеграција е остварлив“, порача денеска генералниот секретар на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, на меѓународната конференција „Бизнис дипломатијата-начин за раст на економијата и меѓународната соработка“ организирана во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Како што напомена Баришиќ, Програмата за европско обединување на Паневропска унија стави крај на таквите бесмислени спорови и и овозможи на ЕУ да се етаблира како најуспешна мировна сила во светот повеќе од седум децении. Поминаа две децении, потсети, откако Македонија доби статус на земја кандидат за членство, но, напредокот е забавен од бројни пречки.
„Земјата покажа дека таквите пречки може да се надминат преку одржување добрсоседски односи. Граѓаните на оваа земја разрешија долгорочни спорови со Грција и веруваме дека истото ќе го постигнат и со Бугарија. Оваа конференција е одлична можност да се реафирмира неопходноста од зајакнување и забрзување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, а граѓаните од оваа земја го заслужија тоа преку нивниот значаен приднес кон мирот и стабилноста во Југоисточна Европа. Зајакнувањето на европската безбедност и дипломатија е во сечиј интерес и да и се посака добредојде на Македонија во ЕУ ќе придонесе кон таа цел. Ајде да го поддржиме проширувањето на ЕУ со тоа што ќе ја воведеме Македонија, а се разбира и другите земји од ЈИЕ кои аспирираат кон мир и стабилност. Овде денес гладам паневропски пријатели од Бугарија и се надевам дека ќе можат да доведат и да го олеснат изнаоѓањето решение на овој необјаснив спор“, истакна генералниот секретар.
Тој сметаше дека е неразбирливо со вакви предизвици во Европа и растечки глобални закани, кои ги опиша како руски, кинески па и американски империјализам, се уште земји кандидати за ЕУ да седат во чекалната за влез.
„Кој можеше да разбере дека Словенија, поранешна југословенска република, е полноправна членка на ЕУ повеќе од 20 годиниа, а Македонија, уште една таква република од истата федерација, се уште чека да биде примена. Паневропската унија смета дека ова е неразбирливо и неприфатливо, исто како што не може да прифати дека други земји кандидатки од ЈИЕ остануваат во чекалната на ЕУ. Во време на растечките глобални закани, Европа мора да дејствува како сила и да ги заштити своите легитимни интереси кои се од темелно значење за нејзината независност што, исто така, е причината поради која ЕУ мора да ги реформира своите институции за да постигне вистински демократско,и ефективно и одговорно управување“, истакна Баришиќ.
Генералниот секретар на Меѓународната паневропска унија ја пофали земјава дека има амбициозна и проактивна дипломатија посветена на придвижување на евроинтеграцискиот процес.
Како бизнисот и дипломатијата може да си помогнат и колку е важна инфраструктурата за остварување на таа цел, беа теми на денешната меѓународна конференција на која покрај Баришиќ, воведни обраќања имаа и амбасадорот Андреј Лепавцов, претседател на Паневропската Унија на Македонија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, како и Карло Реслер, пратеник во Европскиот парламент и претседател на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија.
Рестлер, пренесувајќи го искуството на Хрватска од членството во ЕУ, а пред се чувството во тејот на преговорите дека некои шпрашања се нерешливи и фактот дека откако влегоа внатре БДП на земјата порасна од 60 на 80 отсто од европскиот просек, порача дека истото тоа ќе функционира и за Македонија. Тој рече дека ја разбира фрустрацијата на Македонија од заглавеноста но дека сега сме во момент кога може да се постигне вистински прогрес , изразувајќи надеж дека новата бугарска влада же придонесе за тоа. Тој исто така порача дека приближувањето во ЕУ не е само штиклирање на коцките, односно исполнување на техничките критериуми туку цивилизациска трансформација изразувајќи убеденост дека Македонија може да го постигне тоа.
Министерот за транспорт Александар Николоски, пак, рече дека за првпат во историја Македонија гради пруга со две линии ( во два правци) и дека откако е оваа Влада на власт веќе се пуштени 42 километри патишта, што е невидено досега во државава – иако од аспект на австриските и хрватските гости таквите фалби покажаа колку економски е „мала“ и неразвиена Македонија, кога и ова е историски успех.
Тој најави стабилна и успешна година за Македонија, со рекордни инвестиции и со зголемен економски раст, забележувајќи дека ако се стабилизира кризата во Германија Македонија може да стане број еден економска сила во регионот по раст. Тој најави исто така дека за три месеци ќе се пуштат уште десет километри од патот Дреново- Фариш, дека во моментов има објавен тендер за патот Скопје – Блаце, дека до летната сезона ќе се стават во употреба 40 километри од автопатот кон Кичево и дека наскоро ќе објави добри вести за брзата пруга од Коридорот 10 и за дијаспората (најверојатно прекуокеански летови или некои екстра). Николоски најави и реконструкција на Охридскиот аеродром, забележувајќи на крајот дека „не сите се среќни со нашите резултати и дека не сите можат да го следат нашиот успех“.
Министерот Муцунски ја потенцираше клучната улога на бизнис дипломатијата во промовирањето на мирот и економските придобивки.
„Во свет на зголемена глобална поврзаност и економска меѓузависност, бизнис дипломатијата станува важен инструмент за зајакнување на економската стабилност и зацврстување на меѓународните односи. Еден од клучните елементи за успешна бизнис дипломатија е меѓусекторската соработка на Владата, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата, односно нашиот инклузивен пристап, со кој создаваме услови за зголемена конкурентност, иновации и одржлив развој,“ порача Муцунски.
„Токму во оваа насока се и последните законски измени, со кои Министерството за надворешни работи стана Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, со што официјално ги презедовме надлежностите во делот на креирањето политики поврзани со странските инвестиции и надворешната трговија,“ додаде тој. (С.Ј.)