Панел на Охридски дијалог: Следни чекори што ја очекуваат Македонија


Охридскиот дијалог денеска официјално почна со панелот за следните чекори што ја очекуваат Македонија.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Зоран Заев им посака добредојде на гостите присутни на Охридскиот дијалог, кои ќе дискутираат и ќе бараат решенија за да се остане на вистинскиот пат за подобра иднина на сите граѓани.

На утринската сесија учесниците се согласиле дека се тука за да помогнат, да се постигне уште поголем прогрес во евроатланските интеграции на државата.

-Пред речиси 20 години се мислеше дека членство во НАТО е невозможна мисија, со тукушто завршен внатрешен конфликт и многу поделби во општеството. Денес Северна Македонија е на чекор од полноправно членство во НАТО и останува посветена на имплементирање на ЕУ стандардите, било истакнато на утринската сесија.

Како што се наведува во соопштението, на панелот било заклучено дека само две години по ослободувањето на државата од претходниот хибриден режим, земјата ги решила проблемите со соседите, има подобрување на регионалната соработка и сите економски индикатори покажуваат зголемување на трговската размена и на странските директни инвестиции. За само две години од изолирана држава, Северна Македонија стана релевантен партнер и пример во регионот, посочиле учесниците.

Охридскиот дијалог претставува стратешкиот дијалог за унапредување на прогресивните и напредни решенија за предизвиците со кои се соочува Северна Македонија и регионот.

Како дел од Охридската група се и поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон, голем дел на поранешни и сегашни дипломати, чија цел е преку активни решенија да и помагаат на Македонија во остварување на своите евроатлански интеграции.