Панел дискусија за можностите за економска соработка со иницијативата „Три мориња“


Панел дискусија на која ќе биде претставена иницијативата „Три мориња“, можностите за економската соработка меѓу нејзините членки и придонесот во нивниот економски развој, со посебен осврт на инфраструктурата и вклучувањето на земјите од Западен Балкан и зајакнувањето на оската север-југ во источна Европа, денеска ќе се одржи во Скопје во организација на Стопанската комора во соработка со Институтот за стратешки иницијативи и политики.

Иницијативата „Три мориња“ опфаќа тринаесет земји-членки на ЕУ лоцирани меѓу Балтичкото, Црното и Јадранското Море и тоа Австрија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Словенија и Грција.

– Интегрирањето на Западен Балкан во оваа иницијатива ќе придонесе за поефикасно поврзување на земјите од регионот и членките на оваа Иницијатива и ЕУ пошироко, и ќе придонесе за зајакнување на европската кохезија, развој на поефикасни коридори, унапредување и зајакнување на трговските, енергетските и информатичките коридори, а со тоа и за забрзување на економскиот раст, велат од Стопанската комора.

На настанот ќе се обрати претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, а на панел дискусијата ќе учествуваат поранешениот амбасадор Зоран Јолевски, заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, вишиот советник на претседателот на Фондацијата Херитиџ, Џејмс Карафано, регионалниот директор за Европа на Меѓународниот републикански институт Пол МекКарти, претседателот на Српско-американскиот конгрес и поранешен потпретседател на Собранието на Србија, Владимир Маринковиќ и поранешниот министер за финансии и за економија на Република Албанија, Арбен Малај.