Пандемијата заврши, па заврши и златното време за лабораториите
Две од петте најголеми лаборатории влегоа во минус, покажува анализата на порталот „Пари“
Заврши златното време на приватните медицински лаборатории од двете години на пандемијата со корона вирусот. Милионските добивки веќе ги нема. Две од петте најголеми лаборатории влегоа во минус, покажува анализата на порталот „Пари“ направена во соработка со компанијата за деловни и бонитетни информации „Таргет груп“ и платформата „Бизнис мрежа“.
Приватните лаборатории и понатаму се значајна алка во здравствениот систем и речиси сите имаат склучено договори со Фондот за здравствено осигурување, па дел од нивните услуги се добиваат со партиципација, како и во државните клиники. Петте најголеми лаборатории: „Авицена“, „Биотек“, „Синлаб“, Никоб лаб“ и „Рамус“ лани оствариле вкупен приход од 12 милиони евра, додека во 2021 година, кога пандемијата на корона вирусот доминираше со животот, нивниот приход беше 21,5 милиони евра. Односно, 80 насто повеќе од ланската реализација.
„Авицена“, „Биотек“ и „Никоб лаб“ работеа со добивки минатата година, но таа беше лоша за „Синлаб“ и „Рамус“ – тие беа во минус.
Од податоците може да се забележи дека приходите на сите лаборатории се намалуваат, освен на „Рамус“, која во 2022 реализирала малку поголеми приходи отколку во 2021 година. Но, за разлика од тогаш, кога остварила и нето-добивка која била нешто над 10 проценти од приходите, годинава влегла во загуба. Во 2021 година приходите ѝ биле 528.000 евра, а добивката изнесувала 58.600 евра. Лани приходите изнесувале 550.000 евра, но евидентираната загуба е дури 250.000 евра.
Втората компанија која исто така остварила загуба е „Сонлаб“. Во 2021 година имаше нето-добивка од 920.000 евра, при остварен приход од 3.800.000 евра. Со приход од 2.500.000 евра во 2022 година лабораторијата влезе во мал минус од 11.500 евра.
Бонитетната агенција „Таргет груп“ предупредува дека овој финансиски резултат (и покрај добивките од претходната година) може да го загрози натамошното нивно работење.
„Забележливо е дека’ Рамус’ и ‘Синлаб’ немаат поврат на средства во 2022 поради лошите финансиски резултати остварени во текот на годината, односно поради нето-загубата. Компаниите кои остваруваат нето-загуба од работењето имаат и оперативна нето-загуба. Ваквата состојба е особено значајна и ризична за компаниите, бидејќи означува дека немаат добивка од своето редовно работење. Сѐ понатаму земено предвид не ја менува состојбата, поради тоа што сите останати финансиски приходи и расходи имаат непостојан, односно времен карактер и не значи дека се повторливи и во наредните години. Од една страна тоа означува дека компанијата со остварената нето оперативна загуба го загрозува своето понатамошно работење“, оценија експертите од „Таргет груп“.
Анализата на податоците покажува дека „Рамус“ и „Никоб лаб“ имаат голем процент на задолженост, така што тие се финансираат од туѓи извори на средства. Овој тренд бил присутен и во 2021 година. Останатите компании од листата имаат ниска задолженост.
Од аспект на нетековни средства и инвестиции, забележливо е зголемен износот на обврски по заеми и кредити кај „Биотек“, при што најголем дел од кредитот/заемот е вложен во материјални средства, односно во постројки и опрема, потоа во градежни објекти, транспортни средства и поситни средства за работа. Истото се однесува и за „Авицена“.
Забележливо е дека речиси сите пет компании имаат намалување на своите парични средства во споредба со претходната, 2021 година, освен „Рамус“, која остварува зголемени парични средства на крајот на 2022 година во споредба со 2021 година, поради земените краткорочни заеми/кредити што директно влијаат врз зголемување на готовите парични средства. Од анализата на паричниот тек се забележува, исто така, дека паричниот тек од оперативни активности на компаниите во 2022 е негативен, што означува дека не се обезбедуваат доволно парични средства за да се финансира работењето на компаниите. Некои од компаниите овој недостаток го финансираат преку користење на сопствени средства од изминатите години (акумулирана добивка), а некои своето работење го финансираат преку заеми/кредити со поврзани или неповрзани страни. Единствено „Рамус“ обезбедува позитивен паричен тек поради земените кредити како готовина.
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/pari-analiza-kolkavi-profiti-napravija-labaratoriite-lani/