Пандемијата за некој е џокер, а за некој лоша рака покер: Михаил Корубин открива зошто неговите нови слики се апстрактен дневник на чувства


Лејла Сабит

Фото: Борис Грданоски

Короната најпрвин не ни ја помислував, беше некако далечна, кога почна да пристигнува околу нас не фати мал страв најмногу за родителите и постарите членови од семејството. Сега некако генерално има појасна слика и мислам дека сите се опуштаат полека. Нас и не ни беше тешко по дома, секогаш има што да се прави. Сепак додека сликам се насетува некоја тежина во воздухот, неизбежно е, вели за „Независен“ уметникот Михаил Корубин, од семејството на славни сликари како дедо му Миле и татко му Рубенс Корубин.

Зошто карантинот не му го сменил многу начинот на кој работи, дали планира изложба по пандемијата, дали може да се ужива во уметноста и на виртуален начин, и зошто го чудат муабети од типот “не бев на работа три дена, ќе полудам, не знам што да правам со себе веќе” , открива во интервјуто во продолжение.

Пред коронавирусот, вашата уметност беше една бескрајна приказна, со светлост, раце, очи и ликови кои истовремено личат на секого и никого, насликана на 15 мега формати, платна работени во масло и акрилик техника.Дали сега, во карантин, вашата уметност раскажува поинаква приказна?

-Пред одреден период почнав со новата серија во масло на платно која требаше да биде и дел од изложбата во Скопје. Во овие нови дела темата е слична на прв поглед, ликови во голем формат, но енергијата, боите, експресијата како и приказната е различна. Сеуште доминира погледот но овојпат има фрагменти од секојдневната мисла, знаци, чкртки, натписи, збир на мали моменти забележани на платното. Тие ја опишуваат состојбата на умот во различни периоди и емоции, гнев, љубов, тага, досада, свесно и несвесно додадени во текот на една креација. Тоа е како еден апстрактен дневник на чувства низ низа денови и недели но во различен ракопис, тон, ритам, експресија и боја, повеќе како една визуелна мелодија.

Карантинот не ми го смени многу начинот на кој работам. Навикнат сум да сликам изолиран во студио и таму гледам да се исклучам од повеќето работи кои ми пречат во сликањето. Нема вести, нема трачеви само работи кои можеби ќе ми помогнат и инспирираат во сликањето . Некако сеуште ми се отвараат нови идеи на оваа тема, уште имам свежа енергија која можам да ја вметнам во ликовите. Темата е неисцрпна но еден може да оди далеку по креативниот пат онолку колку што го држи адреналинот, кога ќе го снема бара потрага по нов пат. Секоја наредна серија ми е исто толку возбудлива  како и првата така што сеуште сум на правиот пат.

Како вие се соочивте со короната? Се исплашивте, се загриживте, или бевте смирени?

-Се менуваше на етапи, никој точно не знаеше што ќе се случи околу короната. Најпрвин не ни ја помислував, беше некако далечна, кога почна да пристигнува околу нас не фати мал страв најмногу за родителите и постарите членови од семејството. Сега некако генерално има појасна слика и мислам дека сите се опуштаат полека. Нас и не ни беше тешко по дома, секогаш има што да се прави. Сепак додека сликам се насетува некоја тежина во воздухот, неизбежно е.

Короната спречи родниот град да ја види изложбата ” Поглед” (Gaze) по Њујорк, на делата работени во последниве три години. Имавме среќа во вашето ателје во Сарај да видиме дел од импозантните слики.Насликаните широко отворени сини очи ве гледаат и во душата. Дали пандемијата ви ја смени и вашата душа гледајќи како светот се затвара во карантин како и границите, а луѓето комуницираат на дистанца, со физичко растојание од 2 метра?

-Живееме во модерно време каде што моментално уметноста може да живее и да се восприеми преку интернетот и сите овие гаџети кој ги имаме. Нормално не е исто и возбудливо како доживувањето персонално во живо но функционира до еден степен. Оваа изолација не е социјален мрак ниту уметничко слепило за разлика од пред 40-тина години каде што во ваква ситуација без интернетот веројатно би било тотален стоп за новите креации да излезат на виделина . Интересно е и каков наплив на идеи и дела има периодов, на многумина им излезе на површина она што навистина го бараат и сакаат ама немаат време ни да го пробаат. Светот сега е брз со премногу непотребни дистракции , ако му ги ги одземеш на човек веројатно ќе прогледа малку пошироко ќе сфати што навистина го интересира и за што го бива. Некои луѓе може конечно ќе се најдат во нешто што ги возбудува па може и да сменат професии. Тешко е денес да се насочи енергијата во еден правец кога одсекаде стигаат забавни и небитни занимации за како да го убиеш времето незапамтливо и некорисно.

Планиравте изложбата да ја промовирате и во регионот. Сега сме сведоци на изложби, претстави, промоции и ревии кои стигаат до нас виртуелно, без директен контакт. Дали во уметноста може да уживате на дистанца, без џагорот на публиката, честитките и неврзаните муабети?

-Да, планирав изложбата да се постави и во Белград како и летово во Црна Гора. Во Франција беше закажана за 20 јуни но за сега тие планови веројатно ќе се случат другата година.

Може и да се ужива во уметноста секако и на тој виртуелен начин но директниот контакт му дава друга димензија која засега останува непобедена. Кога одиш на изложба енергијата и мајндсетот се сосема други. Тој саат и половина ментално и физички си присутен во самиот простор, опружен со сликите, времето директно е посветено на тој настан и фокусот е насочен кон делата. Меморијата останува врежана подолго време поради сите сетила кои се вклучени, искуството е различно. Да не зборуваме за театарот, балетот, операта каде што разликата е неспоредлива.

Виртуелно од дома е друга приказна, вибрираат телефони, нотификации, што да јадам, клипчиња со кучиња и на крај веројатно нема да видиш ни половина а другата нема ни да ја запамтиш. За да уживаш дома во некоја уметничка претстава треба што повеќе да се изолираш од постојаните пречки а најмногу од телефонот.

Уметноста според мене најубаво се доживува во полу празна галерија. Обожавам музеи во денови без гужви, има мир и спокој, скоро како  да си во некој манастир или на момент во нечива глава. Отварањата се убави но повеќе се за коктел, запознавање, контакти и дружење. Кога одиш во големи музеи важно е да не се премориш прерано од премногу информации. Сум приметил повеќето луѓе кога ќе влезат во некој голем музеј веднаш зaстануваат на секое дело интересно или не. Поради тоа они до втората хала веќе се преморени и дефокусирани а тоа што го виделе веројатно не е ни во нивен интерес ниту ќе го запаметат . Големите музеи имаат милион дела, прошетај и уживај и само ќе те викне некое дело кое е во твој интерес. Така ќе излезеш од музејот наполнет со енергија а и ќе запамтиш што си видел. Следен пат кога ќе отидеш ќе обрнеш внимание и на не толку очигледните дела од интерес и тогаш може и да откриеш закопано злато.  Во музеи се оди повеќе пати, еднаш не е доволно.

Дали изложбата ќе се одржи по пандемијата?

-Да, дефинитивно. Не знам дали ќе биде со класично отварање, ќе треба да видиме како ќе се одвиваат настаните се надевам ќе се врати на исто ниво како и што беше. Оваа изложба ќе биде дел од Њујоршката изложба како и дел од новата серија, која ќе се зголеми дополнително поради новонастанатата ситуација.

Кои навики и размислувања ви ги смени седењето дома? Вие уметниците знаете често да се самоизолирате во ателјето, дали овој карантин кој живот и здравје значи е поинаков од уметничкиот?

-Јас имам секојдневна навика да одам во студио така да тоа си остана исто но со скратено време. Обично доручкувам и одам право на работа каде што седам до кај 19-20:00 часот. Сега во овие периоди станувам порано за да можам да фатам некој саат плус. Преку викенд освен што ги изгледавме сите филмови што постојат почнав повторно повеќе да цртам со молив и  јаглен поради што ми се вродија нови идеи кои ги вметнувам во новата серија.

Мене не ми пречи изолација напротив ми влијае смирувачки понекогаш, како светот да застанал во времето, денови кои траат недели, нема брзање, нема часови, нема минути.  Му треба на секој таков период, за жал никој не сака баш ваква изолација но мора да се искористи позитивно доколку се може. Ако само трчаш ништо нема да видиш по патот а кога ќе стигнеш можеби е веќе касно да се вратиш назад.

Ме чудат муабети од типот како “не бев на работа три дена, ќе полудам, не знам што да правам со себе веќе” , а всушност и воопшто не си ја ни сака работата. Испаѓа дека толку влегол во еден машински систем  што и веќе заборавил што навистина сака, туку само чека да помине време бидејќи не знае што да прави со него кога го има отповеќе.  Неверојатно е да се изгуби интерес за се што нуди светов. Се разбира не секој има шанси да работи што сака но толку многу работи има да се прават во слободно време што чудно е да не го искористиш.

Како уметноста ќе продолжи понатаму? Можно ли е враќање кон нормалното?

-Да, јас верувам дека во светот ќе се врати на скоро до нормалното како што го знаеме. Претпоставувам дека ќе останат мали промени, така секогаш се развива општеството за полошо или подобро. Се случувало ова и во минатото и луѓето брзо забораваат но не забораваат оние кои што можат да го искористат ова во нивна полза. Се надевам оние кои што ја имаат моќта нема премногу да го злоупотребат а оваа ситуација лесно се злоупотребува. Но секако дека ќе ја. Ова за некој е џокер, а за некој лоша рака покер.

Уметноста ќе продолжи да се развива онлајн со забрзано темпо. После овој настан ќе сакаат сите да бидат спремни за не дај боже следен ваков настан. Така да мислам овој карантин ќе го дигне во облаци она што е можно виртуелно да се постигне. Ќе произлезат многу нови креативни идеи на изразување, нови стилови и  начини на претставување на истите. Уметноста се развива заедно со општеството и вакви и слични големи настани обично ја размрдуваат уметничката сцена.

Kои се вашите херои на новото време?

-Медицинскиот персонал, како и сите други службеници што ни го олеснуваат животот во овие отежнати услови.

Што најмногу ви фали од нормалниот живот, а што не?

-Шетање по светот, дружба со пријатели, другото за среќа не ми е одземено.

Кои се вашите планови за понатаму?

-Следно е изложбата во Скопје во прв момент  после пандемијата. Веднаш потоа следат и изложбите на Балканот и во Франција.

Што прво ќе направите по пандемијата?

-Одма би тргнал негде на море, но најпрвин правам една собиранка со другарите.