Пандемијата тешко го погоди Берлин – за угостителите состојбата е катастрофална


На влезните врати од легендарниот Бергаин, место по кое копнее меѓународната заедница за забава, напишано е со спреј „Животите на црнците се важни“. Откако во март, берлинската сенаторка за здравство, Дилек Калајци соопшти дека „не е веќе време за забави“, во клубот веќе не влегоа  гости. До крајот на годината сигурно нема да има многу промени во овој поглед, соопштува берлинската покраинска влада.  За разлика од Берлин, Цирих не се предаде на забраната да забави во клубови, пишува Дојче Веле.

Берлин не би бил Берлин ако нема луѓе кои одржуваат забави. „Медитанзион“ е група што комбинира јога, техно-танц и демонстрации под мотото „сите сме еднакви“. Овие „нео-хипици“ веќе организираа вечерни забави пред портата на Бранденбург.

Останатите млади во Берлин се во големите берлински паркови. Таму, на големи ливади, редовно се собираат и танцуваат. Полицијата честопати застанува, но, како по правило, ги остава на мира, само повремено ги предупредува за потребата да се задржи дистанца.

„Танцот во седечка положба не е забавен“

И покрај пандемијата на коронавирусот, некои клубови, сепак, се отворија, барем делумно. Клубовите што имаат градина или тераса смеат да продаваат пијалоци. Но, танцот е забранет. За да не потсетува на вообичаените градини за пиво (Биергарден), омилениот клуб „Абоут бланк“ го именуваше својот отворен простор Сектгартен ( градина за шампањ).

Но „танцот во седечка положба не е забавен“, вели Денис, бербер во обичниот живот во една берберница, недалеку од Жандарменмаркт. Со години забавите беа негово хоби. Можеби е добро што сега се менува нешто, вели тој. Веќе долго време воошто не присуствувал толку често на забави. Музика, луѓе, се во меѓувреме стана комерцијално, а помалку креативно. Непосредно пред карантинот, се сеќава Денис, по долго време наврати во еден клуб, но не го испил пивото до крај. „Музиката едноставно беше ужасна“:

Но, не е само комерцијалата што го поткопа имиџот на берлинските забави и пред епидемијата на коронавируст. Друг проблем е стискање на клубовите со помала куповна моќ. Клубот за фетишисти „Киткат“ познат ширум светот, кон крајот на 2019 година најави дека престанува со работа на локација во центарот на Берлин. Но, тоа не е првиот клуб што мораше да престане со работа.

Помалку забава, лошо за Берлин

Метрополата за забави е во лоша положба, а тоа е економски проблем за целиот Берлин. Од почетокот на новиот милениум, Берлин се рекламираше со слоганот „Arm aber sexy“ (сиромашно, но секси) и привлече голем број туристи. А сега? Дали на крај ќе остане само сиромашен, но не и секси?

Во јуни стапката на невработеност се зголеми за 2,7 отсто, повеќе од која било германска сојузна покраина. Пополнетоста на хотелите не е веќе за 80 до 90 отсто, во моментов е десет до 20 проценти. Состојбата е „катастрофална“, објави Сојузот на хотели и угостители во јуни. Во ниту еден германски град падот на пополнетоста не е толку голем.

Дури 250 клубови, 150 милиони промет, три милиони туристи се бројките од студија од Сенатот. Со години градот со 3.7 милиони жители, живее добро од ликот на забавната метропола. „Тоа влијае и на инвестициите што немаат поврзаност со туризмот“, вели градскиот планер и публицист, Дејвид Косер. „Па веројатно, оваа слика имаше улога и во одлуката за изградба на фабрика за електрични автомобили Тесла во близина на Берлин, затоа што Берлин не е град на класичен автомобил“.

Угостителот Јоханес од центарот на Берлин стравува за својата иднина. Прво клубови, потоа ресторани, потоа продавници за алкохол и други места за забава. Тој очекува бран на распаѓање во рестораните во втората половина од годината. Со тоа се вклопува и веста што кон крајот на јуни одекна како бомба. Авиокомпанијата Изиџет, што го симболизира туризмот на забава, го преполови бројт на авиони во Берлин.

Новоформираната група на сопственици на клубови, ресторани и култури се бори против пропаѓање. Тие се нарекуваат „Еден Берлин“. Од Сенатот бараат даночни олеснувања. Тие се водени од страв за сопствено постоење и грижа за градскиот живот во Берлин, се вели во основачкото собрание. Тие, меѓу другото, бараат да се овозможи поголема забава на јавните плоштади како што е Александарплац во центарот на Берлин.

Повторно оживување на улицата Фридрихштрасе?

Но, многу луѓе во Берлин со нетрпение очекуваат намалување на бројот на забави. „Забавниот туризам премногу се инфилтрираше во стамбените области во градот“, вели Косер, „со голем удел во гастрономијата ориентирана кон туризмот, се отвораат продавници што работат доцна, станови за изнајмување и хостели“. Последица на тоа е гужвата од обичното население и не-туристичките активности. Не се создаваа нови станбени населби, туку населби каде „се одржува забава дење и ноќе“.

Можеби кризата отвора можности некои работи да се уредат повторно. Како на пример, туризмот за забава да се премести во стамбените области на градот, истакна Косер. „Имено таму каде припаѓа и каде не пречи, во центарот на градот, особено на улицата Фридрихштрасе, што  некогаш беше центар за забавите во Берлин“.

Фридрихштрасе во моментов е во потрага по концепт за својата иднина. Планот за создавање луксузни улици не се оствари. Голем број продавници се празни. Од август, Сенатот има во план да ја затвори улицата за автомобили за да види, дали конверзијата во пешачка зона ќе донесе повеќе клиенти. Многумина се сомнителни.

„Не мислам дека Берлин ќе престане да биде забавна метропола, додека да пројде корона-кризата“, вели Косер. “Потребата за забава во градското опкружување едноставно постои“.

Покрај тоа „иновативниот потенцијал“ на Берлин се уште не е искористен целосно. Дури и ако се намали стремежот за техно културата, што доминира веќе 30 години. Затоа што во Берлин, секогаш кога нешто ќе исчезне, се создава место за нешто културно ново. (Дојче Веле)