Панчо од ДНК ја скара естрадата: Кој може да носи танга-бикини во Охрид?


Панчо од ДНК направи вистински хаос на социјалните мрежи, бидејќи напиша статус во кој ги искара девојките во Охрид кои носат танга-бикини, а се подебели од наметнатите стандарди за убавина.

Владимир Блажев (познат како Панчо од дуото ДНК и диџеј Шорти) овој викенд имаше свој настап на плажите во Охрид. Сепак, она што ги разбранува социјалните мрежи не беа видеата од атмосферата која ја сподели на неговиот инстаграм-профил, туку коментарот кој следуваше потоа.

Како што oпишува Панчо со негови зборови, викендов во Охрид девојките на плажа „немале милост“, а тој сакал да спие навечер „без кошмари“:

– Еве ме мене пак од Охрид, па чисто да ги потсетам „лепотициве“ дека НЕ секој ГАЗ е наменет за танга по плажа. Мислам имате огледало, многу е едноставно се гледа“, пишува Панчо и додава „Као дај имајте малце милост, стварно сакаме да спиеме навечер без кошмари – а на крај го заврши статусот со „Намалете си ја тортата“ и емоџи од торта и глава од свиња.

Не помина долго време, социјалните мрежи, особено Инстаграм започна да „гори“ по оваа негова објава.

Многу девојки му забележаа на Панчо, а меѓу нив и неговата колешка, пејачката Антониа Гиговска.

Исто и таа не се согласува со напишаното на Панчо на социјалните мрежи, па  токму порaди тоа, Гиговска објави „стори“ , во кое вели дека си го сака своето тело.

Фото: Инстаграм