Панчев: Македонците можат да бидат пријатно изненадување на ЕУРО 2020


Еден од најдобрите македонски фудбалери на сите времиња Дарко Панчев оцени дека „црвено – жолтите“ се кадарни да приредат изненадување на ЕУРО 2020 што од утре до 11 јули ќе се одржи во 11 европски градови.

Македонскиот состав е во групата Ц, а премиерниот натпревар ќе го игра в недела против Австрија, пред дуелите со Украина и Холандија.

– Тоа не е претерано силна група. Можеме да направиме едно пријатно изненадување. Холандија е единствена репрезентација (во групата) од екстра класа, додека со Австрија и Украина апсолутно може да се надигруваме, посочи Панчев.

Легендарниот голгетер, како што објави регионалниот телевизиски канал „Спорт клуб“, смета дека најсилна страна на македонската репрезентација е исклучително квалитетниот среден ред со Аријан Адеми, Елиф Елмас, Енис Барди и Езѓан Алиоски.

– Ова е одлична шанса на Европа да и го демонстрираме нашиот висок квалитет. Немаме што да загубиме, ионака од нас никој ништо не очекува“, додаде поранешниот македонски репрезентативец и европски и светски првак со екипата на Црвена ѕвезда.